Влада на Србија: По 200.000 евра за Новак Ѓоковиќ и неговиот тренер
Владата на Србија денеска донесе одлука на освојувачот на златниот медал во тенис на Олимписките игри во Париз, Новак Ѓоковиќ и на неговиот тренер да им се исплати награда во вредност од 200.000 евра во противвредност на динари.
„Владата на Република Србија на денешната седница донесе Одлука за доделување парична награда за спортските резултати од златниот медал освоен во олимписката спортска дисциплина – тенис на Олимписките игри во Париз на спортистот Новак Ѓоковиќ, во износ од 200.000 евра во противвредност на динари“, се наведува во соопштението на Владата на Србија.
Се додава дека наградата во истиот износ му била доделена и на неговиот тренер.
Ѓоковиќ вчера на Олимписките игри во Париз го совлада Карлос Алкараз со 2:0 и го освои златниот медал.
Олимпиското злато беше единствената награда што му недостигаше на Ѓоковиќ, рекордерот по бројот на грен слем титули и по бројот на недели поминати на врвот на АТП листата.