„Вкуси ја традицијата“ на 7 октомври во Скопје со околу 400 изложувачи и над 2.000 производи


Околу 400 мали производители од земјава со над 2 000 производи се очекува да учествуваат на претстојниот 2. Национален саем за храна и пијалаци „Вкуси ја традицијата“ што ќе се одржи во Скопје на 7 октомври.

Како што најавија денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и Василка Стефановска од Слоу Фуд Македонија, Саемот ќе понуди магија од вкусови, многу забава, но и едукативни реаботилници, посебно за најмладите.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат храна која ќе се приготвува во тој момент од Алијансата на готвачи на Слоу фуд Македонија, а суровините ќе бидат исклучиво домашни.

Според министерот Николовски, манифестацијата ќе ја посетат министри од регионот, а ќе дојде и германскиот министер за земјоделство.

Како што најави Николовски, „Вкуси ја традицијата“ догодина ќе биде еден од најголемите регионални саеми на мали производители на храна и пијалаци.

-Дојдете на 7 октомври за да го видите богатствотото на нашите производи. Саемот се одржа прв пат минатата година, но сега ќе биде три пати поголем, а тоа е резултат на политиките што ги спроведува Министерството за земјоделство, за поттикнување и поддршка на малите производители, на младите земјоделци и на жените земјоделки кои се регистрираат како мали оператори со храна, рече Николовски и информира дека околу 800 мали оператори со храна се регистрирани во АХВ откако се променети правилнциите за лесно запишување и евиденција.

Годинава се финансираа вкупно 67 мали локални настани во секоја општина, што е, нагласи, рекорден број.

-На 7 октомври ќе ја имаме сликата на се она што можеме да го понудиме од храна и пијалаци од малите производители. Ќе не посети и германскиот министер за земјоделство кој, од регионот, избра да биде тука неколку дена, во Северна Македонија и да оствари средби со сите претставници и декани од факултетите во регинонот кои, исто така, ќе бидат во Скопје специјално. Лани почнавме со една програма со која ги поддржуваме малите старт-ап винарии, а оваа година воведовме нова програма за мали дестилерии, за мали оператори со храна од животинско и растително потекло. Заради огромниот интерес и број на апликации, одлучивме, со ребалансот на Буџетот и Министерството за финансии на наше барање одобри дополнителни два милиона евра, односно 120 милиони денари, по што ќе бидат склучени околу нови 200 договори за грантови од 10 000 евра за опрема, потсети Николовски.

Василка Стефановска од Слоу фуд рече дека саемот годинава ќе се одржува на поголем простор, со повеќе активности.

-Новина ќе биде присуството на Алијансата на готвачи чии членови во живо ќе готват, а посетителите ќе може да дегистираат. Суровините ќе бидат земени од малите локални производители. Ги поканувам сите родители да ги довдат своите деца, но и семејно да присуствуваат на настанот зашто ќе има и едукативно катче со можност за реализирање три до четири работилници – месење тесто, едукација на вкусови,… Прозводителите што ќе настапат на Саемот се вистински репрезенти на државата и револуционери на здравата храна, нагласи Стефановска.