Вкупниот број заразени со корона вирусот се искачи на 76 лица


Фото: Б. Грданоски

Вкупниот број лица со корона вирус вечерва се искачи на 76, откако беа дијагностицирани уште шестмина позитивни на вирусoт, соопшти Министерот за здравство, Венко Филипче.

„Попладнево се дијагностицирани 6 лица позитивни на корона вирус. Со ова, вкупната бројка на регистрирани пациенти позитивни на корона вирус во земјата е 76“, напиша министерот Филипче на неговиот Фејсбук профил.

Тој додаде дека во текот на денов, потврдени се и двајца сопружници од Кавадарци – позитивни на вирусот, а во процес на тестирање е уште едно лице од Кавадарци кое нема поврзаност со другите два случаи.

Досега се регистрирани заболени од Скопје, Дебар, Гостивар, Охрид, Штип и Кавадарци.

Претходно денес дијагностицирани уште три лица позитивни на Ковид 19, една жена која патувала во Србија, друга е бабата на четири годишното девојче од Штип, како и уште пациент од Скопје.

Министерот Филипче соопшти дека сите пациенти се со лесна или средна клиничка слика, освен првата пациентка од Дебар која е во критична состојба и е на апарати за дишење.