Вкупниот број на смртни случаи од коронавирус низ светот надмина 3.000 лица


Кина–  Бројот на луѓето кои досега низ светот починаа од компликации настанати по заразувањето со коронавирус, надмина 3.000, откако Кина денеска пријави уште 42 нови смртни случаи.

Повеќе од 90 отсто од нив се од Хубеи, кинеската провинција во која вирусот се појави кон крајот на минатата година.

Но, смртни случаи има и во други земји, вклучувајќи ги и 54-те во Иран и над 30 во Италија до вчера.

Во светски рамки има речиси 90.000 потврдени случаи на инфекција, а бројот на заразени сега расте побрзо надвор од Кина, отколку во оваа далекуисточна земја.

Светските медиуми јавуваат дека повеќето пациенти имаат само лесни симптоми, цитирајќи податоци на Светската здравствена организација (СЗО), а засега смртноста кај оваа епидемија варира меѓу два и пет отсто.

За споредба, сезонскиот грип има просечна смртност од околу 0,1 отсто, но тој е сириозно заразен и поради тоа од него годишно умираат до 400.000 лица.

И други видови на коронавируси, како тешкиот остар респираторен синдром (SARS) и респираторниот синдром на Блискиот Исток (MERS), имаат многу повисоки нивоа на смртност од Ковид-19.

Додека темпото на заразување во Кина се намалува, во некои делови од светот се забележува драстично зголемување на инфекциите.

Во европската жешка точка на епидемијата – Италија, бројот на инфекции е двојно поголем само во последните 48 часа, а исти податоци се лиферуваат и за Германија, јавува „Дојче Веле”.

Во Италија досега има регистрирано најмалку 34 смртни случаи и 1.694 потврдени случаи. Во Велика Британија, каде има 36 потврдени случаи, премиерот Борис Џонсон за денеска свика итна седница на комисијата „Кобра”.

Јужна Кореја, најголемото жариште на заразата надвор од Кина, денеска пријави нови 476 случаи, со што вкупниот број на случаи се зголеми на над 4.200. Во оваа земја досега имаше и 26 смртни случаи. Од потврдените случаи на зараза 3.081 се од Тегу, а 73 отсто од нив се поврзани со црквата „Шинчонџи”.

Градоначалникот на Сеул ги повика 10-те милиони жителина градот  да работат од дома и да ги избегнуваат местата со концентрација на многу луѓе.

Иран, една од најзасегнатите земји од епидемијата, вчера соопшти дека има 978 инфекции и 54 смртни случаи.

Во текот на викендот Катар, Еквадор, Луксембург и Ирска ги потврдија своите први случаи на коронавирус.

Досега во САД има двајца починати од заразата, еден во Сиетл и 70-годишен маж од Вашингтон.