Вјоса Османи: На граѓаните да им се даде одреден рок пред целосното спроведување на одлуката за укинување на динарот


Косовската претседателка Вјоса Османи денеска порача дека треба да им се даде одреден рок на граѓаните за да може без проблеми да се спроведе новата Регулатива на Централната банка на Косово која предвидува исфрлање на српскиот динар од употреба во Косово.

Од 1 февруари во Косово стапува во сила новата Регулатива на Централната банка за готовински трансакции, според која ќе се користи само еврото. Според новата регулатива, другите валути може да се користат како вредност само за складирање во физичка форма или на банкарски сметки, за извршување на меѓународни плаќања и за девизни активности.

Оваа уредба предизвика негативни реакции кај косовските Срби, кои примаат исплати од Република Србија во динари, додека меѓународните дипломати од САД и ЕУ ја повикаа Владата на Косово да ја преиспита оваа одлука.

Османи посочи дека според член 11 од Уставот на Косово еврото е единствената валута во таа земја.

– Во однос на примената на тие принципи во пракса, се разговара за низа опции со кои од една страна ќе се почитува членот 11 од Уставот, а од друга страна ќе се обезбеди одредено време за информирање на граѓаните и нивно префрлање на нови сметки за да може Регулативата да се имплементира без никакви проблеми и со целосна поддршка од сојузничките земји, рече Османи.

Претседателката на Косово го спореди прашањето за забраната на српскиот динар со ситуацијата околу укинувањето на старите српски регистарски таблички на северот на Косово, кога сојузниците побараа од Владата на Косово да ја одложи одлуката за одредено време.

„Како што можете да видите, денес речиси сите граѓани кои живеат на север ги префрлиле своите регистарски таблички на оние на Република Косово. Би рекла дека ова е сличен проблем, бидејќи прашањето за табличките беше и прашање на одбрана на суверенитетот и уставноста“, истакна Османи.

Специјалниот претставник Мирослав Лајчак вчера во Приштина по средбата со премиерот Албин Курти најави дека денеска ќе има повеќе информации за прашањето за употребата на динарите.