„Визер“ ги суспендираше летовите помеѓу Италија и Македонија


Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ денеска најави дека како резултат на рестрикциите за патување од страна на италијанските власти наменети за летовите до Република Северна Македонија, ги суспендира сите летови помеѓу Италија и нашата држава до 31 јули.

-Патниците со резервирани билети погодени од овие суспендирани летови кои ги направиле резервациите директно на wizzair.com или на мобилната апликација на авиокомпанијата, ќе бидат автоматски известени преку електронска порака. Сто и дваесет проценти од целата сума ќе им бидe автоматски префрлена на Wizz сметката на корисникот, и ќе можат да ги искористат во текот на наредните 24 месеци за купување на сите производи и услуги на Wizz Air. Патниците исто така можат да одберат опција за враќање на парите – за која треба подолго време да се реализира – и ќе бидат информирани за сите потребни чекори за трансфер на парите преку банка или преку картичка во посебна електронска порака. Во овој случај, патниците ќе можат да изберат 100 отсто поврат на сумата. Патниците кои направиле резервација преку туристички агенции – вклучувајќи ги и онлајн туристичките агенции – треба да ја контактираат компанијата преку која ги купиле своите билети, стои во соопштението од „Визер“.

Вчера од „ТАВ Македонија“ соопштија дека согласно информацијата што ја добиле од  Austrian Airlines се откажани и летовите меѓу Скопје и Виена од 16 до 31 јули.
„Со оглед на тоа што КОВИД-19 кризата наметна постојани и брзи промени во одлуките на авиокомпаниите, кои се прават врз основа на рестриктивните политики на ЕУ-земјите, ве замолуваме за најновите промени во распоредот на летање од Меѓународниот Аеродром Скопје, да ја следите нашата веб-страница (Пристигнувања: http://skp.airports.com.mk/mk-MK/flights-mk/arrival-flights-mk и Заминувања: http://skp.airports.com.mk/mk-MK/flights-mk/departure-flights-mk), додека за сите прашања во врска со авиобилети, да се обратите до релевантната авиoкомпанија“, соопштија од „ТАВ Македонија“ .