Вивалди и Паганини на свеќи: Скопје уживаше во магична ноќ исполнета со виртуозност


Фото: О. Настески

Илјадници свеќи синоќа ја осветлија сцената на Филхармонијата на премиерното издание на првиот „Candlelight“ – концерт под свеќи на камерниот оркестар Профундис, на кој како солист настапи светски познатиот виолинист од Австрија Марио Хосен, кој свири на виолината на Гвадањињи (1749), со своите преферирани титаниумско соло жици Thomastik-Infeld.

Фото: О.Настески

Скопје доживеа уникатно искуство каде традиционалниот концертен амбиент се трансформираше во хипнотизирачка музичка симбиоза облеана во топлиот сјај на свеќите. Интимниот амбиент овозможуваше подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, создавајќи извонредно концертно искуство, кое на крајот, беше наградено од публиката со два биса. 

Фото: О. Настески

Хосен, чудо од дете, роден во Пловдив, Бугарија, чија виртуозност  му носи признание на престижните сцени ширум светот и „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, синоќа, ја однесоа публиката на музичко патување низ делата на реномираните композитори како Вивалди, Паганини, Холст и Глас.

Фото: О. Настески

Концертот беше иновативен, креативен и модерен – под  свеќи којшто во моментот е вистинска атракција во 173 града ширум светот, а премиерно со овој концерт списокот се прошири и со Скопје. Хосен брилјираше со Четирите годишни времиња од Антонио Вивалди, како и виртуозното дело од Никола Паганини – „I Palpiti“ кое многу ретко се изведува поради специфичната техничка виртуозност и спаѓа во топ 10 најтешки дела за изведба на виолина. Дополнително на концертот имаше и праизведба на дело од Филип Глас.

Фото: О. Настески

Концертот синоќа беше повеќе од обична изведба – едноставно, извонредно искуство на уникатноста на нашите сетила и универзалниот јазик на музиката.

Марио Хосен, настапувал на престижните сцени ширум светот заедно со врвните оркестри, вклучувајќи ги Лондонската филхармонија, Виенскиот симфониски оркестар и други. Со голема страст за светското музичко наследство, стручноста на Марио се фокусира на Паганини, правејќи го како еден од најистакнатите толкувачи и авторитети за изведување на музиката на овој композитор. (Л.С.)