Вистинскиот број на новозаразени во Србија е 50.000

Здравстевниот систем во Србија колабира, предупредува познатиот епидемиолог Зоран Радовановиќ


Долги редови пред ковид амбулантите во Белград

 

Познатиот српски епидемиолог Зоран Радовановиќ изјави дека реалната бројка на новозаразени е многу поголема од бројките што ги соопштуваат надлежните, како и дека големите редици пред клиниките за ковид и неколкучасовното чекање пациентите покажуваат дека здравствениот систем  во Србија „колабира“.

„Вчера немаше 18.000 новозаразени, туку новооткриени, а реалната бројка на новозаразени е неколкукратно поголема, меѓу 40.000 и 50.000. Исто така, многумина кога ќе видат колкави се редиците решиле да останат дома, така што фактичката бројот на новозаразени е неспоредливо поголем“, изјави Радовановиќ за ТВ Н1.

Тој додаде дека сојот Омикрон е предвидлив и потсети дека многу негови колеги предупредувале дека ако Новата година се слави на начинот на кој се славеше – се знае што ќе биде понатаму.

„Значи, неизбежно беше да има овој шести бран, но неговите димензии зависеа од нашето однесување“, истакна Радовановиќ.

Тој посочи дека здравствениот систем почнал да „колабира“.

„Ако треба да чекате шест или осум часа за преглед, тоа е крајно нехумано кон пациентите, а тоа значи дека системот е во колапс“, вели епидемиологот.

Тој процени дека пандемија, како оваа предизвикана од корона вирусот може да трае две до три сезони и дека оваа пролет ќе излеземе од пандемискиот период.

„Може да се претпостави дека ова е последниот голем бран, а бидејќи степенот на пенетрација е огромен, тој релативно брзо ќе заврши“, потенцира Радовановиќ.