Високите температури предизвикуваат болки во нозете

Летниот период ги истакнува проблемите со нозете поради топлината и ги проширува вените кај луѓето кои вообичаено немаат никаков проблем со нозете, а им создава дополнителна тешкотија на оние што веќе имаат проширени вени. Најчесто проширените вени се јавуваат во нозете, а дури 50 отсто од населението страда од овој тип состојба. Поради долготрајното стоење, кај бремените жени, оние што го минуваат времето повеќе во седење, потоа хормонален дисбаланс, менопауза, генетска предиспозиција и кај оние што носат потпетици, ова претставува проблем поради кој ќе треба да се променат режимот на исхрана и начинот на живот.
Луѓето што страдаат од оваа состојба се често изморени, имаат болки во мускулите и чувство на тешкотија, особено во зглобовите. Секако и другите органи може да страдаат поради оваа состојба, а најмногу срцето, црниот дроб итн. Со други зборови, поради проширените вени се оптоварува целиот организам, доаѓа до воспалување и телото страда поради лошата циркулација. Ова е сериозен проблем, бидејќи во некои случаи може да дојде до пукање на крвниот сад и да предизвика крвавење, отекување на кожата и болки. Се разбира дека страдаат и артериите и поситните капилари, а тоа доведува до состојба што се нарекува тромбофлебитис.
Вежбајте редовно и лесно
Природниот третман за оваа состојба вклучува: редовно вежбање, антивоспалителни диети и одржување добра телесна тежина, потоа есенцијални масла за балансирање на хормоните и препарати од коњско опавче или костен. Исхраната кај овие луѓе треба да изобилува со целулозни влакна, антиоксиданси и диуретици, потоа магнезиум, јаболков оцет, лук итн. Секако ова е сериозна состојба и консултацијата со доктор е неопходна, кој ќе препорача што понатаму може да се направи.
Значи, луѓето што страдаат од оваа состојба треба да знаат дека им е неопходна промена во животниот стил и пред да појдат на операција, треба да се обидат да направат корекција во исхраната, да ги отфрлат процесираната храна, белиот шеќер, кофеинот, пијалаците со сода и алкохолот и на тој начин да ги намалат артерискиот притисок, лошата циркулација и отекувањето на нозете. Се сугерираат лесни вежби, како пешачење, пливање, возење на велосипед и јога. Завоите за компресија помагаат при рефлуксот и ја враќаат повторно крвта кон срцето.
Консумирајте храна со омега 3
Храна што е богата со омега 3 масните киселини, свеж зеленчук и овошје, богати со витамин Ц и Е, потоа магнезиум, антиоксиданси како зелените зеленчуци и цитрусните овошја можат да помогнат многу. Тука спаѓаат и природните диуретици како магдоносот и босилекот, кои ќе помогнат при одржувањето на електролитите, потоа бананите, авокадото и компирите, лененото семе, какаото, како и црвениот пипер кој ќе ја подобри циркулацијата – сето ова треба да е на менито на оние што страдаат од оваа состојба. Јаболковиот оцет како облога го намалува отекувањето на нозете, а користен во исхраната го намалува холестеролот и на тој начин ја олеснува циркулацијата во целото тело.
Внесувањето храна што е богата со флавониди може да помогне при собирањето на вените, да ја подобри циркулацијата и да го намали артерискиот притисок, опуштајќи ги крвните садови, со што се намалуваат проширените вени. Во храната што изобилува со флавониди спаѓаат: спанаќот, брокулата, бабурите, кромидот, лукот, потоа грозјето, црешите, јаболката и боровинките.
Ова е сериозна состојба што не треба да се занемари, така што ви предлагаме неколку видови рецепти што може да ги внесете во својата исхрана и на тој начин да ја подобрите својата состојба. Летото изобилува со разновидно овошје, кое е добро да се консумира повеќе отколку другите процесирани храни и на тој начин да се одржи природната хидратација на телото. Природни сокови, овошни салати или салати од зеленчук, сето ова е добро да биде на вашата трпеза и на тој начин да си ги одржите својата добросостојба и здравје.
Крем со боровинки
За овој рецепт ви се потребни следниве состојки:
– 1 кг боровинки
– 4 лажици жолт шеќер
– 1 павлака.
Откако ќе ги исчистите боровинките и ќе ги измиете добро во цедилка, ставете ги во сад, преливајќи ги со павлаката. Потоа го додавате шеќерот и мешате добро. Оставете во фрижидер да се излади барем 2 часа и потоа послужете.
Топчиња од морков
За овој рецепт ви се потребни следниве состојки:
– 1/2 кг моркови
– 3 портокали
– 250 г жолт шеќер.
Откако ќе ги измиете добро морковите и ќе ги излупите, изрендајте ги и додајте им ја иструганата кора од портокалите. Го додавате и исцедениот сок од портокалите и шеќерот. Оваа смеса ја динстате на тивок оган додека не се згусне целосно и додека морковот не омекне. Штом ќе се излади, од смесата правите топчиња и ги валкате во шеќер, оставајќи ги во фрижидерот да се стегнат и да се изладат. Потоа послужете ги во убаво декорирани чинии.
Ориз со јаболка
За овој рецепт ви се потребни следниве состојки:
– 250 г ориз
– 100 г суво грозје
– 1/2 кг кисели јаболка
– жолт шеќер според вкус
– 1 лажичка путер.
Откако ќе го исчистите оризот и ќе го измиете, оставете го во цедилка добро да се исцеди. Во добро загреано тенџере го топите путерот и ги редите излупените јаболка исечкани на резанки. Врз тоа ги додавате оризот и сувото грозје, додавајќи една и пол шолја вода. Оставате поклопено да се динста на среден оган, 15-ина минути. Откако ќе се излади, сервирајте во чинии за десерт.
(И.Т.)