Високите потпетици се мој интимен симбол на родовата различност: Интервју со маестра Ѓурѓица Дашиќ

Се уште, за жал , разликите помеѓу мажи и жени диригенти не лежат во способноста или талентот , туку главно во социјалните и културните предизвици со кои се соочуваат жените, вели маестра Дашиќ, во интервју за „Независен“


„Виенскиот новогодишен концерт претставува симбол на нов почеток, исполнет со радост и надеж и да се диригира на таков настан носи одговорност но и голема привилегија – да се биде дел од глобална прослава . Самиот концерт не е само музички настан; тоа е културен феномен кој бара издржливост, искуство и уметничка визија“, вели во интервју за „Независен“, нашата соговорничка, почитуваната маестра Ѓурѓица Дашиќ (1981, Скопје) , како празнична увертира за старт на една нова година, полна со надежи, но и неизвесности.

Дипломирала на Факултетот за музичка уметност на одделот- оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е вработена во Македонската опера и балет како хор-мајстор. Учествува во поставување и во одржување на целокупниот репертоар во Македонската опера. Во 2018 година го формира камерниот оркестар „Профундис“ со кој активно работи како негов уметнички раководител и диригент и реализира исклучително успешни соработки и настапи .

Колку диригирањето е макотрпна работа, дали има разлика меѓу мажи и жени диригенти, зошто маестрите се меѓу најелегантните во културната фела и како е да се биде уметнички раководител на камерниот оркестар „Профундис“, во продолжение на интервјуто.

Фото: Маја Аргакијева

Што ќе заборавите во 2024, а со какви желби влегувате во 2025?

Што би сакала да се заборави….во старата нека останат сите стравови , двојби , сомнежи кои можеби го кочат мојот напредок, малите грдости и слабости кои се појавија кај луѓето , и драги и далечни и кои сакам да останат во длабок заборав , сите трагедии кои се случија и кај нас и во соседството и во светот да не се повторат….оваа година е можност за нови почетоци , па во 2025 година влегувам со желби за многу нови и креативни проекти и достигнувања кои ме исполнуваат, здравје и благосостојба за моите најблиски, спокој и позитивна енергија за да можам  мудро и трпеливо  да се справам со сите предизвици  и искушенија, повеќе моменти исполнети со љубов и смеа , дружби со  убави луѓе во душата, можности за раст и надградба ,нови знаења , нови вештини….

Како маестра, дали и вие сте љубител на Виенскиот новогодишен концерт  и имате ли омилен диригент?

Виенскиот новогодишен концерт е навистина магичен настан, кој на еден извонреден начин ја слави убавината на класичната музика , особено делата на семејството Штраус. Неговата величествена атмосфера , традицијата, и генијалната комбинација од музика и емоција го прават уникатен и незаборавен. Како диригент навистина е инспиративно и за голема почит да се гледа како едно дело може да се пренесе со толку многу енергија и радост до публиката насекаде низ целиот свет. Виенскиот новогодишен концерт навистина претставува култен настан за нас  музичарите. Еден од диригентите кои имале можност и привилегија да диригираат на тој настан и кој претставува мој омилен диригент е неповторливиот  Карлос Клајбер. Тој е легенда  во диригирањето поради неговата способност да внесе душа  и драматика во секоја изведба. Неговата прецизност , интуиција и длабокото доживување  на музиката го прават извонреден. И покрај тоа што не диригирал често и што диригирал строго одбрана програма каде што чувствувал дека може да се изрази како уметник, секој негов концерт или снимка е вистинско мајсторско дело , исполнето со живот и емоција. Ретко кој диригент успева да создаде таква  хармонија помеѓу себе , оркестарот и публиката ,нешто што е инспирација за секој диригент. Исто така диригент кој во голема мера ме потсетува на  мојот професор и еден од најголемите македонски диригенти Саша Николовски – Ѓумар. Ретки се диригентите што предизвикуваат таква радост кај оркестарот и кај публиката каква што предизвикуваше мојот професор . Тоа беспоштедно давање на себеси во функција на уметноста претставува скоро недостижна извонредност,  инспирација која останува во вечноста за сите нас.

Концертот на 1 јануари нестрпливо го очекуваат дури и оние кои не се големи љубители на класичната музика . Зошто е престиж да се диригира со него и со Виенската филхармонија? 

Овој концерт  се одржува од 1939 година и претставува еден од најпознатите музички настани во светот . Неговото значење е огромно токму заради поврзаноста и со богатата музичка историја на Виена , која важи за културна престолнина на класичната музика. Програмноста на концертот која најчесто вклучува дела од семејството Штраус ја слави австриската музичка традиција и диригентот мора да го долови духот на таа традиција и музика- комбинација од грациозност , радост и елеганција. Да се работи со еден од најдобрите оркестри во светот претставува вистинска привилегија и предизвик за секој диригент, оркестар познат по својата беспрекорна техничка  изведба и квалитет на највисоко ниво. Исто така фактот дека овој концерт се пренесува во над 90 земји , со милиони гледачи ширум  светот го прави еден од најгледаните музички настани , што значи дека диригентот има можност да се претстави пред глобална публика. За диригент на овој концерт се бираат само најхаризматичните и најдобрите музички лидери , кои ја разбираат австриската музичка традиција и кои се одбрани од самиот оркестар што го прави настанот уште поексклузивен. Виенскиот новогодишен концерт претставува симбол на нов почеток, исполнет со радост и надеж и да се диригира на таков настан носи одговорност но и голема привилегија – да се биде дел од глобална прослава . Самиот концерт не е само музички настан; тоа е културен феномен кој бара издржливост, искуство и уметничка визија.

Гледано од страна, и како лаици, диригентот со две или едно стапче ги води музичарите низ концертот. Колку диригирањето е макотрпна работа и дали оркестрите можат да функционираат без диригент?

Иако може да изгледа едноставно на сцена , диригирањето е исклучително комплексна работа. Диригирањето е уметност која комбинира музичка визија , техничка вештина и лидерство. За да се разбере самата суштина на професијата диригент еве неколку аспекти кои би можеле да ни дадат одговор на горе наведеното прашање. Диригентот мора детално да ја анализира и да ја познава партитурата, да го разбира историскиот контекст на делото, да го води оркестарот и да ги инспирира, да ја пренесе својата визија преку јасни гестови, емоции и зборови, време поминато во интензивни проби ; тоа е моментот кога се создава уметничката целина , диригирањето само по себе е физички напорно;  контрола над телото , движењата и гестовите  изискува концентрација и енергија, тој мора постојано да биде ментално присутен за да реагира на оркестарот и да одржи баланс, огромниот психолошки притисок бидејќи диригентот носи огромна одговорност за квалитетот на изведбата бидејќи претставува мост меѓу композиторот, оркестарот и публиката. Дали може да се функционира без диригент?  Да , но само во одредени случаи : кога се работи за мали ансамбли каде сите музичари имаат јасна визија за делото и комуницираат меѓусебно преку визуелни сигнали и интуиција или исклучително дисциплинирани оркестри кои можат да изведат некои поедноставни дела  бидејќи имаат големо искуство и одлична соработка. Оркестар без диригент ризикува да изгуби единство , особено во моментите кога музичката текстура е густа или темпото се менува. Диригентот не е само лидер, туку  и душата на оркестарот – неговата визија ја трансформира музиката од ноти на хартија во живо искуство.

Зошто некој е светски познат диригент, а некој не?

Да се биде светски познат диригент зависи од комбинацијата на талент, работа, околности и неколку други фактори кои одредуваат зошто некој постигнува глобално признание , додека друг останува во позадина. Светските диригенти поседуваат исклучителна уметничка визија и харизма, потоа техничка извонредност,контакти со светски оркестри и ансамбли кои отвораат врати за светска слава, способност за промоција и медиумска застапеност кои ја зголемуваат нивната популарност и на тој начин се позиционираат на глобалната музичка сцена. Светската слава не е само прашање на талент – тоа е комбинација од мајсторство , харизма , вистински можности и стратегија. Многу талентирани диригенти остануваат непознати  затоа што не се наоѓаат на вистинското место во вистинското време или не сакаат да влезат во глобалната *трендовска* игра. Сепак , вистинскиот уметник секогаш остава свој белег, без разлика на обемот на славата.

Има ли разлика меѓу мажи и жени диригенти?

Во суштина , диригирањето како уметничка и техничка вештина не зависи од полот- квалитетот на диригентот се мери според неговата или нејзината способност да води, инспирира и да ја оживее музиката . Сепак , различна е самата природа по себе –машка /женска природа па од тука има минорни разлики како во пристапот на самите проби , комуникацијата со музичарите која се одвива на едно поинакво ниво -жените диригенти се поемпатични и повеќе ориентирани кон соработка што може да создаде позитивна атмосфера во оркестарот итн. Иако во последната декада се повеќе жени добиваат можност да водат престижни оркестри и на тој начин се менуваат стереотипите во  музичкиот свет  , се уште за жал , разликите помеѓу мажи и жени диригенти не лежат во способноста или талентот , туку главно во социјалните и културните предизвици со кои се соочуваат жените. Со зголемена поддршка за инклузивност , иднината на диригирањето е секако без полови бариери , каде квалитетот и уметноста се единствените мерила.

Фото: Маја Аргакијева

Дали претходно имате ментални и физички подготовки? Дали, генерално, следите одреден режим на исхрана или тоа зависи од диригентот?

Диригирањето е професија која бара високо ниво на ментална и физичка подготвеност, слична како и кај спортистите или уметниците кои работат под голем притисок . Редовната физичка активност е исклучително добредојдена за секој диригент па така и кај мене, бидејќи и пробите и самите концерти изискуваат физичка кондиција и издржливост , добар  баланс помеѓу работа  и одмор –  недоволно сон или физичко исцрпување може да влијае на квалитетот на изведбата , повлекување во осама – потребна за намалување на стресот и зголемување на фокусот и концентрацијата,  седенки во опуштена атмосфера  со колегите- канализирање на стресот и подобро справување со истиот,исто така  балансирана исхрана со намирници кои ја одржуваат енергијата, внесување многу вода за да се избегне дехидрираност особено за време на пробите и концертите, умерен внес на кофеин- за дополнителен фокус … Менталната и физичката подготвеност се клучни за успехот на диригентот, но режимот е индивидуален. Најважно е диригентот да го пронајде својот баланс кој ќе му овозможи да води оркестар со полна енергија, инспирација и концентрација.

Маестрите во принцип се многу елегантни зад пултот. Дали удобноста ви диктира што ќе облечете, и што, најчесто избирате за гардероба?

Елеганцијата е составен дел од настапите на диригентите бидејќи нивниот изглед на сцената е дел од целокупниот впечаток кој се пренесува на публиката . Сепак удобноста игра клучна улога , бидејќи диригирањето бара слободно движење и издржливост. Лично претпочитам формална гардероба ( сако /смокинг варијанта) во темна боја која мене ми прилега и која не го одвлекува вниманието на публиката од музиката. Единствен момент кој си го *дозволувам* се високите потпетици како мој интимен симбол на родовата различност. Иако сценскиот изглед е важен , удобноста и слободата на движење се секогаш приоритет бидејќи диригентката мора да се чувствува сигурна и комфорна за да ја предаде својата визија на оркестарот и публиката.

Фото: Маја Аргакијева

Вие сте и уметнички раководител на камерниот оркестар „Профундис“ чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања, но и атрактивни соработки. Како ја избирате програмата и изведувачите?

Камерниот оркестар Профундис е мојот најголем предизвик но и моето најголемо достигнување како диригент и нешто со кое вистински се гордеам. Профундис е нешто сосема оригинално и произлезено од неверојатниот состав на музичари и тимската работа, желбата за креација кај сите подеднакво и соочување со вистински предизвици без задршка. Камерниот оркестар Профундис се роди како идеја во 2019 год во еден период на целосно мртвило на концертната дејност на нашата македонска сцена .  Со моите колеги , кои се со навистина завидни биографии и веќе одамна  профилирани како врвни македонски музичари, тргнавме во потрага по вистински вредности во уметноста. Еден вулкан од идеи , желби за креации и настапи, перфектуирање во изведбите, денови и месеци посветени на сериозна работа и планови. Се решивме за целосно модерен пристап како во изборот на програмата така и во изборот на солистите . Програмски досега ги изведовме скоро сите капитални дела за камерен оркестар, десетици праизведби во Македонија, дела на македонски композитори, визуелни спектакли со 3 D Maping, Candlelight…. Сите концерти ни се осмислени програмски, тематски, визуелно и сметам дека навистина е раритет тоа што го постигнавме како тим . Профундис за овие 5 год.се профилираше како водечки камерен оркестар не само дома туку и на Балканот за кое говорат сите наши колеги со кои сме во комуникација  а секако и интернационалните претставувања на престижни сцени и фестивали. Како последица на нашата видливост и квалитет,со текот на годините многу лесно доаѓаме до соработки со навистина светски ѕвезди од калибарот на Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Ирина Мурешану, Марио Хосен, Драган Ѓорѓевиќ и др.  и исто така и со преку 20 врвни македонски изведувачи. Да се донесат светски звезди не е едноставно од логистички аспект и тука би сакала да изразам голема благодарност до нашиот генерален спонзор –компанијата Меркур која безрезервно не поддржува веќе трета година  и без чија помош  нивото на нашите концерти , па и во еден момент и опстанокот на нашиот оркестар , не ќе беа можни.

Што е потребно за да се организира концерт на ова ниво кое вие го продуцирате и со какви се предизвици сте се соочиле досега?

За концерти од ваков калибар , какви што се последните неколку години, навистина е потребна голема посветеност. Солистите се договараат и до година дена однапред , затоа што тие се однапред букирани. Имаме привилегија да работиме со врвни професионалци и поддржувачисо кои навистина имаме одлична соработка . Тука би се заблагодарила пред се на Ѓорѓи Селков и неговата Популарно ПР Маркетинг агенција, без кого немаше да бидеме ова што сме денес и кој е нераскинлив дел од Профундис, Милчо Узунов и  3 Д Проект студио која е задолжена за снимање на нашите концерти како и креација на нашите визуелни настапи, Ненад Златевски – нашиот волшебник за дизајн и многу други. Предизвици секогаш има и ги надминуваме си многу верба и волја. Финансискиот аспект е прилично обемен кога се организира ваков тип на концерти, ние секогаш инвестираме во нашиот продукт се со цел да и подариме на публиката незаборавна вечер. За наша среќа, таа е секогаш на наша страна, и таа симбиоза помеѓу Профундис и неговата публика допринесува во најголема мера  да имаме можност за понатамошни заеднички спектакли. За жал, единствената црна дамка и вистинските проблеми ни дојдоа од нашата фела. Неколегијалноста, зависта во неколку наврати предизвика навистина големи непријатности во различни форми и постојани непријатни изненадувања. Соработката со  дел од  институциите беше навистина мачна , како и со дел од колегите. Но сепак и тие предизвици , кога имате неверојатен тим како што се  луѓето од Профундис, и верба во убавото, верба во уметноста, успешно ги пребродивме.  Кога ќе  застанете на сцена тоа не може никој да ви го одземе.

Дали за годинава ни подготвивте одредени концертни изненадувања?

Иновативноста во секој  нов  концертен спектакл е вистински предизвик да се одржи. Но постојано наоѓаме програма која е навистина оригинална и која е вистински празник за љубителите на класичната музика. Во комбинација со врвни солисти како и со сценскиот момент ,концертната магија е неизбежна. Ја користам приликата да го најавам нашиот прв концерт за сезонава Candlelight спектаклот Тimeless со новата светска звезда Петар Пејчиќ на виолончело, со музика од филмот “The Hours “ на легендарниот композитор Филип Глас како и дела -вистински виртуозен  предизвик за нашиот солист. Исто така оваа година ја дисперзираме концертната дејност и надвор од главниот град со нашиот Владимир Костов  и најавуваме неколку интернационални претставувања.

Дали го достигнавте врвот во вашата работа или имате неостварени цели ?

Успехот во диригирањето често не е крајна точка туку патување. Не постои *врв* во нашата професија, тоа едноставно е недостижно . Но, ние имаме привилегија постојано да *патуваме*. Постојано да се развиваме , надоградуваме, растеме, да се соочиме со нови предизвици и нови откритија, да работиме нови дела ,да повториме исти дела со нови откритија, да работиме со квалитетни ансамбли ,квалитетни солисти , да работиме во инспиративни простори итн…Уметноста е постојан процес на истражување и создавање. Неостварените  цели се мој двигател . Да истражам нови репертоари, да работам со уште поинспиративни солисти, да работам со млади музичари ,да оставам свој белег во музичкиот свет преку изведба на нови или стари дела….Токму тие ме мотивираат да продолжам да го развивам својот занает и со секој нов концерт да придонесувам  кон музичката уметност.