Високиот претставник на ЕУ Борел на средби со државниот врв


Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, кој од вчера престојува во посета на Скопје, денеска ќе има средби со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, како и со претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерите на парламентарните партии.

Високиот претставник ќе одржи прес-конференција со премиерот Ковачевски со почеток во 12 часот, која ќе се емитува на EbS.

Борел потоа ќе учествува и на настан на кој претставници на граѓанското општество и младинските организации ќе ја претстават својата работа за придонесот на Западен Балкан на Конференцијата за иднината на Европа. Настанот ќе се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

Скопје е првата станица од неговата посета на регионот, при што освен Северна Македонија, ќе ги посети и Албанија и Босна и Херцеговина. Посетата на Борел на Западен Балкан ќе ја потврди посветеноста и поддршката на ЕУ за регионот, исто така, во поглед на руската војна против Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на Европа како целина, соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава.

Од Скопје, високиот претставник на ЕУ ќе отпатува за Тирана, каде што ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, како и со други претставници на власта и граѓанското општество.

Борел во среда ќе допатува во Сараево, каде што прво ќе ја посети операцијата на ЕУФОР Алтеа, а потоа ќе се сретне со властите на БиХ и со претставници на политички опозициски партии, како и на граѓанското општество.