Висока мода во денови на изолација: Луксузот на Диор од фотелја


Франција- Музеите низ целиот свет презентираат виртуелни изложби кои им овозможуваат на луѓето да избегаат од монотонијата на карантинот со културни искуства што можат да се истражуваат од дома. Луксузната куќа Диор сега нуди бесплатна посета на една од најуспешните модни изложби во последните години, „Кристијан Диор, дизајнер на соништата“.

Изложбата е пресек на повеќе од седум децении дизајн во француската луксузна куќа, од Кристијан Диор до Марија Грација Кјури.

Првично претставена во Musée des Arts Décoratifs во Париз од 5 јули 2017 година до 7 јануари 2018 година, а потоа и во лондонскиот V&A во 2019 година, изложбата нуди а едночасовно патување во светот на високата мода, и претставување на инвентивните дизајнери кои работеле за Диор. Започнувајќи со стилот, талентот и визионерскиот дух на самиот Кристијан Диор, изложбата ви дава можност да откриете некои од неговите славни наследници, вклучително и такви легендарни креативци и таленти како Ив Сен Лоран, Марк Бохан, Џон Галијано и Марија Грација Кјури.

Покрај прекрасните тоалети од последните 70 години, изложбата вклучува и архивски фотографии, и скици изработени од Кристијан Диор. Повеќе од доволно за да ви помогне да избегате во свет на величественост и волшебна убавина, истовремено привремено заборавајќи и на сегашната мрачност и несреќа.

На изложбата може да се пристапи од сметката на Инстаграм на Диор (@dior) и од YouTube каналот на модната куќа.