„Вишновата градина“ на Турски театар-Скопје вечер на МОТ
На програмата на 46. Млад отворен театар (МОТ) вечер од 20 часот во Театар Комедија ќе настапи Турски театар-Скопје со претствата „Вишновата градина“ во режија на Владимир Милчин.
МОТ наведува дека „Вишновата градина“ денес е драма за транзицијата, за неподносливата леснотија на пропаѓањето на општеството и цивилизацијата.
– Алчноста на новозбогатените криминалци безмилосно го уништува човештвото уништувајќи ја неговата колевка, Земјата, уништувајќи ја природата и сè што живее во неа. Она што вџашува е немоќта на луѓето да се противстават, да ја одбранат културата и природата, да ги одбранат вредностите на цивилизацијата пред новите варвари. Прогресот не е гарантиран. Тркалото на историјата стигна до пролетерската револуција, но од неа се изроди новата класа манипулатори чија алчност не знае за граници, наведува МОТ во најавата за претставата.
Билетите за претставите од годинашната фестивалска програма се достапни преку bileti.mkc.mk и на билетарница во Младинскиот културен центар.