„Висат“ вработувањата на 17 наставници и професори во Битола


Дел од засегнатите велат дека кочницата ја гледаат по смената на локална власт, бидејќи МОН претходно дало согласности за нивните вработувања

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Петнаесет наставници од основно и двајца професори од средните училишта во Битола чекаат вработување на неопределено време со исполнети 2 години континуиран стаж и положен стручен испит. Но, по се изгледа нивните вработувања се доведени во прашање, откако член на Комисијата за трансформација на работен однос на вработените во основните и средните училишта во Општина Битола не го потпишал извештајот за нивно вработување.

Дел од засегнатите од оваа ситуација велат дека кочницата ја гледаат по смената на локална власт, бидејќи МОН претходно дало согласности за нивните вработувања.

-После долг период без работа мој близок се вработи како наставник пред две години, сега локалната власт е на една политичка опција, а централната на друга, и настана проблем. Закочи неговото вработување. До кога политиката и партии ќе аминуваат со образованието? До кога наставниците наспроти својата волја ќе се ставаат во еден или друг партиски кош? Какво е ова општество во кое егзистенцијата на семејствата на наставниците ни зависи од партиите? Ако треба и до Стразбур ќе одиме, не само до нашите судови, вели член од семејството на наставник од Битола, револтиран поради новонастаната ситуација. 

На прашањето на „Независен“ до Општина Битола – што ќе значи оваа нова ситуација за 17 наставници, велат дека воопшто нема промена во ситуацијата на вработените наставници.

„Тие остануваат во работен однос, согласно склучените договори со училиштата, во согласност со Законот за основно и средно образование“, стои во одговорот од општината.

На прашањето, пак, дали ова значи дека Општина Битола и МОН веќе имаат проблем во релациите, од Општината одговараат: „Имајќи го предвид претходниот одговор, јасно е дека, воопшто не постои проблем во функционирањето помеѓу МОН и општина Битола“.

Од Општина Битола велат дека воопшто нема промена во ситуацијата на вработените наставници: градоначалникот Тони Коњановски

Всушност нашите извори наведуваат дека трансформациите не ги потпишал член на Комисијата кој претходно, во времето екс градоначалникот Владимир Талески  бил директор на училиште во Битола.

Така, сега Министерството за образование и наука ја известува Општина Битола дека извештајот не е потпишан од сите членови на Комисијата, што значи дека целата постапка се враќа на почеток.

„Извештајот со предлогот потребно е да содржи и анализа на работните места на ниво на училиште и на општина и истиот задолжително треба да биде потпишан од сите членови на  Комисијата за трансформација. Имајќи во предвид дека извештајот не е потпишан од сите членови на Комисијата за трансформација, ви ја враќаме целокупната документација“, стои во дописот на МОН до Општина Битола потпишан од министерската  Мила Царовска.

За дописот од МОН од Општина Битола велат дека доставената документација за трансформација, од МОН до општина Битола е вратена на 22 ноември, а истата до Министерството била испратена на 9 ноември, за време на мандатот на претходната локална самоуправа, предводена од градоначалничката Наташа Петровска. Како причина за враќањето на документацијата е наведена нејзината некомплетност, стои во одговорот од кабинетот на градоначалникот Тони Коњановски.

Она што е интересно во ова ситуација е што градоначалникот на Битола, Тони Коњановски на 19 овој месец испратил допис до МОН со кој известува дека Комисијата за трансформација на работниот однос ја става во мирување.

„Согласно потпишаната спогодба од 2 декември 2008 меѓу Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за култура  и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура и во согласност со Законот за основно и средно образование ќе формира нова Општинска комисија за трансформација на работен однос на вработените во основните и средните училишта во Општина Битола. Ве известуваме дека се става во мирување работата на членовите на Комисијата до формирањето  на нова општинска комисија за извршување на стручните и административно техничките работи за трансформација на работен однос од  определено на неопределено работно време на Општина Битола, стои во известувањето од Коњановски.

Според законот Комисијата ја формира градоначалникот со три члена, а познавачите на состојбите во образованието велат дека Комисијата има мандат  од 3 години и не може да биде ставена во мирување во ниту еден случај.

„Градоначалникот носи решение за именување на членови во повеќе комисии, меѓу кои е и Комисијата за трансформација. Промена на член во Комисијата од општина Битола имало и во изминатиот четиригодишен период. Во сегашната ситуација, разрешен е членот од Општина Битола, а на негово место ќе биде назначен нов член, велат од кабинетот на Коњановски.

Во Битола засега, нема смена на директори во образованието

Од општина Битола велат дека нема ниту притисоци актуелните директори пред истекот на мандатот да си заминат од функција, со што новата локална власт би имала простор за поставување на свои кадри.

„Градоначалникот Тони Коњановски, одржа работен состанок со сите директори на основните и средните училишта во општината, им се заблагодари за досегашната работа и од нив побара непречено функционирање на воспитно образовниот и наставниот процес, во интерес пред се на учениците, но и на вработениот кадар во училиштата“, велат од Општината.

Од таму додаваат дека директорите на училиштата се назначени за време на мандатот на претходната локална самоуправа, така што после завршената ревизија на работењето во изминатиот период, ќе бидат утврдени соодветните насоки на делување.

„Во оваа насока воопшто не станува збор за притисоци, туку за конструктивност во работењето, со цел подобри услови за образование за сите ученици“, се вели во одговорот од Општина Битола.