Вирусот во Битола зема замав во училиштата


Според податоците, 47 наставници и десеттина ученици се активни случаи или се во самоизолација

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Вирусот во Битола зема замав, мутациите се аларм за дополнителна зголемена внимателност на населението, затоа што тие имаат широка распространетост и трансмисија, оценува Кризниот штаб на Битола. Од таму велат дека за разлика од претходно, кога постоеше можност да се лоцираат одредени кластери, во овој момент не можеме да зборуваме за кластери, туку за широка распространетост на трансмисија на вирусот.

Групирањето на различни места, угостителски објекти, ресторани, барови и други објекти, па дури и празничните собирања во домовите, претставуваат најголема опасност за ширење на вирусот. Токму затоа, критично место во овој момент претставува секој простор на кој што има поголема група на граѓани, а особено оние места каде што гостите не носат заштитна маска.

„Во последните две недели забележително е зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 и во Битола, а најголем ризик за пренесување на вирусот претставуваат празничните собирања и групирања во угостителските објекти, при што мутациите на вирусот се аларм за дополнителна зголемена внимателност на населението, затоа што вирусот има широка распространетост и трансмисија“, велат од Кризниот штаб.

Дневно се вршат 160 тестирања од кои 100 ПЦР тестови во Центарот за јавно здравје.

Здравствениот персонал кој работи со пациентите заболени од Ковид-19 е вакциниран, а во моментот во Клиничката болница има доволно капацитет за хоспитализација на секој пациент кој има потреба од болничко лекување.

Новина е што до крајот на оваа недела се очекува да бидат ставени во функција и модуларните болници во кругот на битолската клиничка болница.

Од Општина Битола за „Независен“ информираат дека според  извештајот во основните и средните училишта во Општина Битола, евидентирани се 47 случаи на наставници кои во моментов се поврзани со заразата, а има и други вработени по училиштата кај кои е присутен вирусот.

„Еден  активен случај на Ковид-19 помеѓу наставниците кои изведуваат настава со физичко присуство, 22 активни случаи помеѓу наставниците кои изведуваат настава на далечина, 24 наставници се во самоизолација. Помеѓу останатите вработени во училиштата евидентирани се девет активни, додека активни случаи во самоизолација помеѓу останатите вработени се пет“, велат од Општината.

Што се однесува до бројот на ученици кои отсуствуваа од настава поради вирусот од Кризниот штаб информираат дека се евидентирани Четири активни случаи на корона помеѓу учениците кои следат настава со физичко присуство, но нема  активни болни помеѓу учениците кои следат настава на далечина, седум ученици се во самоизолација заради близок со симптоми на Ковид-19 или заразен.

Од Кризниот штаб  не прецизираат кога се очекува пикот на заразата, туку велат доколку се почитуваат сите мерки и препораки и нема групирања, нов „пик“ може целосно да се избегне.

Градоначалничката Наташа Петровска вели дека како општински кризен штаб ги преземат сите мерки и активности за заштита на здравјето на населението, а сѐ е подготвено за функционирање на модуларната болница.

„Завршени се сите потребни активности со цел ставање во функција на модуларната болниц во Битола за да може да биде хоспитализиран секој пациент што му е тоа потребно. Сепак, она што сакам да го нагласам и да апелирам е: одговорност од сите нас.

Во оваа ситуација, кога бројките растат, од сите нас зависи колку полесно ќе ги пребродиме кризните моменти“, ни изјави Петровска.