Вирусот се врати и во Хрватска – 11 новозаболени


Во Хрватска денеска се регистрирани 11 новозаболени од корона вирус, а четворица се во болница.
„11 новозаболени во последните 24 часа, вкупно 2.269. Вкупно досега се тестирани 70.995 лица, а во последните 24 часа 368. Едно лице оздраве, па вкупно оздравени се 2.142. Во болница се девет лица. Нема пациенти на респиратор. Нема новопочинати“, истакнаа од Националниот штаб за цивилна заштита.
Во Загреб од вчера има четворица новозаболени, а сите се поврзани со еден кластер.
Епидемиологот Бернард Каиќ од Хрватскиот завод за јавно здравје констатира дека луѓето во Хрватска многу се опуштиле, како корона вирусот да го нема повеќе во Хрватска, а го има.
„Мислам дека прерано се опуштивме, луѓето не се придржуваат ниту до физичка дистанца, а маски веќе никаде не носат. Во јавниот превоз треба да се носат маски, и да се држи дистанца. Колку луѓето ги мијат рацете и ги дезинфицираат, тоа не можам да го кажам. Општо, имам впечаток дека луѓето се однесуваат како да ја нема короната, а последните денови постојано имаме влез од странство, имаме локална транмисија во Хрватска која трае веќе некое време“, додава тој.
„Новиот бран може да почне за околу две недели, можеби и веќе влеговме во него. Луѓето треба да се однесуваат како пред месец, два“, вели Каиќ.