Вирусот се врати и во Дебар


Месец и половина по последниот случај, во Дебар вчера повторно е дијагностициран пациент позитивен на КОВИД-19. Градоначалникот на Општината, Хекуран Дука, изјави дека жена од селото Долно Косоврасти вчера била примена на Општата болница во Дебар со висока температура, по што била пренесена во Скопје на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

„На КАРИЛ земен е брис на пациентката, а резултатот од тестот е позитивен. Жената имала контакти со домашни, со пријатели и роднини кои ја посетувале дома и со медицинските работници кои вечерта биле на дежурство. Епидемиологот од Дебар веќе прави анкета на сите контакти, по што ќе се стават во домашна изолација“, рече градоначалникот Дука.

Општината ќе ги зајакне превентивните мерки и на сите граѓани кои ќе влегуваат во Дебар ќе им се мери температура. Во Дебар од почетокот на епидемијата има вкупно 51 заболен, од кои 4 починати.