Вирусот се шири меѓу битолските основци и средношколци, иако учат од дома

Во статистиката на Центарот за јавно здравје на Битола стои дека позитивни на вирусот се и пациенти од 11, 16 до 18 години

 

БИТОЛА – Првата половина од октомври се покажа како тешка за битолчани, за само 18 дена во градот се разболеа 156 лица. Оваа бројка претставува речиси една третина или 29 отсто од вкупниот број заболени, кој од почетокот на кризата до денес се искачи на 467 позитивни случаи. Лошо е што дури половината од активните случаи не даваат податок за контакт со позитивно лице, барем според информациите што го има официјално објавено Центарот за јавно здравје-Битола во последните две недели.

Она што ги вознемирува граѓаните е и порастот на бројот на починати. Само во октомври, за две недели, починале дури шестмина битолчани од вкупно 14 починати од почетокот на кризата. Покојните се на возраст од 44 до 82 години, за дел од нив Министерството за здравство информираше дека и пред вирусот имале други хронични заболувања.

Грижите на битолчани сепак се насочени кон најмладите, се разболе бебе од два месеци и тригодишно дете, како и школски деца, основци и средношколци, и покрај онлајн наставата.

Така во статистиката на Центарот за јавно здравје стои дека позитивни на вирусот се и пациенти од 11, 16 до 18 години.

„Мислам дека во Битола отприлика 30 проценти не носат маски или ги носат неправилно, што е исто како да не носат. Децата се разболуваат од своите родители и од врсниците на улица. Големо е групирањето по битолските кафетерии, посебно помладите, макар што има и постари, без соодветно растојание и без маски. Масовно е неносењето на маски од страна на продавачите на пазарот и речиси во сите продавници, со ретки исклучоци во некои поголеми маркети“, вели битолчанецот Владо Стојанов.

Групирањето на младите како проблем го издвојува професорот Дејан Трајковски, кој за цело време прави математичко статистички анализи за ковид состојбите во градот.

„Во Битола достигнавме една психолошка граница, 100 нови случаи за 14 дена на 100.000 жители. Чудно е зошто полицијата казнува пензионери без маски кои шетаат сами по поголемите улици, а не ги ни опоменуваат младите кои стојат на мало растојание еден до друг под дрвјата на Широк Сокак, пред Домот на културата и пред многубројните кафулиња. За седењето во затворено без маска што да се каже.

Зошто упорно ја предизвикуваме судбината, ја предизвикуваме власта да воведе полициски час, наместо да се шетаме на безбедно растојание, во затворен простор да носиме маски, а уште подобро воопшто да не седиме внатре“, вели Трајковски.

Вирусот и натаму во најголем дел се шири во фамилијарни кластери, во контакт со веќе заболени лице, во работни организации и јавни претпријатија, спортски клубови.

РК „Еурофарм Пелистер 2“ информира дека откако пред два дена беа констатирани симптоми кај двајца ракометари клубот ги тестираше сите членови, па позитивни на вирусот се уште двајца, или вкупно четворица ракометари. Од клубот велат дека позитивните случаи немаат симптоми и добро се чувствуваат.

Расте и бројката на хоспитализирани пациенти на Инфективното одделение при Клиничка болница. Директорката Билјана Гагачовска оценува дека состојбата на поголемиот дел од пациентите е многу тешка, а останатите се со средно тешка кон тешка состојба.

„Голем број од нив имаат потреба од перманентна кислородна поддршка што значи дека дополнително е влошена нивната состојба“, вели Гагачовска.

Таа отворено кажува дека медицинскиот кадар е изморен, после девет месеци непрекината работа од појавата на пандемијата. Вклучени се не само инфектолозите, туку и пнеумофтизиолозите, а сега поради зголемената бројка вклучени се и интернистите, како и медицински сестри од другите одделенија. (А.Б.)