Вирусите ја наполнија со пациенти битолската болница
Одделот за физикална медицина пренаменет во интерно одделение за болницата да се справи со огромниот број заболени
БИТОЛА – Вирусите ги наполнија амбулантите во Интерното и Детското одделение во Битолската клиничка болница, но за повозрасните пациенти се бара и кревет плус, па на располагање се стави и одделот за физикална медицина како што беше за ковид кризата.
На одделот за педијатрија дневно во амбулантата се прегледуваат околу 120 деца, додека на Интерно до 90 пациенти.
„Дневно во овие денови прегледуваме преку 120 деца со респираторни инфекции, што е речиси двојно повеќе од одделенијата во околните градови. Во моментов се хоспитализирани 8 деца поради компликации од респираторни инфекции“, изјави началничката на одделот Педијатрија, д-р Оливера Груевска. Битолската фирма „Синпекс“ донираше 15 прочистувачи на воздухот по што уредите беа распоредени по собите каде лежеа децата со потешки респираторни инфекции.
Поради зголемен број на прегледи во интернистичката амбуланта и зголемен број на хоспитални болни со фебрилни состојби, бронхопневмонии и вирусни состојби, Интерното одделение привремено се проширува на одделот за физикална медицина во Клиничката болница Битола, како што се практикуваше кога беше ковид пандемијата. Оваа ситуација е поради тоа што се затвори стационарниот дел на Инфективното одделение во болницата, потврдува за „Независен“, началникот на Интерното одделение, д-р Елизабета Ивановска. Во дневната болница во Интерно доаѓаат 65 пациенти, додека 70 се хоспитализирани, а за едно деноноќие се прегледуваат и до 90 пациенти од Битола и регионот заболени од грип.
Пулмологот Ивановска вели дека ваквата состојба ќе потрае сѐ додека има потреба од хоспитализација и напоменува дека за пациентите сместени во Физикална, обезбеден е полн капацитет од лекари и медицински персонал со 24-часовна смена.
„Едно од најоптоварените одделенија во Битолската клиничка болница е Интерното одделение заради наплив на тешки хоспитални вирусни инфекции поради што работиме со натпросечни човечки сили, бидејќи и самиот персонал се заразува од вирусите. Затоа упатуваме еден апел до хроничните болни и повозрасната популација да останат во своите домови, да не излегуваат надвор без потреба и да не се групираат со цел да ја избегнат оваа ситуација за да немаат здравствени проблеми“, вели Ивановска.
Зградата на Инфективното одделение, која е одделена физички од главниот објект на Битолската клиника болница и која за време на здравствената криза беше Регионален ковид центар во Битола, е затворена лани во есента за да се заштеди струја и парно греење. Зградата е стара пет децении и никогаш до сега не била целосно реновирана. (А.Б.)