Виртуозноста на маестро Сај беше уште еден триумф на Бетовен – маестрален крај на концертната сезона на Филхармонија


Фото: Н. Поповска
 
Уште еднаш го посведочивме триумфот на Бетовен над страдањето, убавината преку болката, интимниот шепот и стравичните молњи на душата. Оваа вечна приказна со магичните прсти и техника ни ја раскажа извонредно и автентично турскиот и светски пијанист Фазил Сај , синоќа, во преполната Филхармонија, како маестрален крај на концертната сезона, под исклучителното диригентско водство на маестро Јерухам Шаровски од Израел, новиот шеф-диригент на Македонската филхармонија.
 
Фото: Н. Поповска
На исклучителната вечер, насловена како „Алфа и омега“ на програмата беа Концертот за пијано и оркестар бр. 3 во c-moll, оп. 37, едно од најпопуларните дела на Бетовен кои бараат виртуозност кај пијанистот кој го свири, и уште едно дело на генијалниот Бетовен неговата увертира „Егмонт“ оп.84, создадена по истоимената трагедија на Гете. Во вториот дел од концертот, беше изведена атрактивната Симфониска свита „Шехерезада“, оп. 35 на Николај Римски-Корсаков, создадена по мотивите од познатата бајка „1001 ноќ“.

 
Светската пијанистичка ѕвезда Сај , кој поседува навистина редок талент, синоќа, за своето вдахновено и свирење до перфекција беше награден со два биса од публиката. Им се одолжи со композиција со турски мотиви и со евергринот Самертајм на Џорџ Гершвин.
 
Фото: Н. Поповска

За турскиот пијанист Фазил Сај (1970) критиката ќе каже дека концертите на овој пијанист се нешто поинакво. Тие се подиректни, поотворени, повозбудливи, накусо – стрелаат право во срцето. Токму тоа што го изјавил и композиторот Ариберт Рејман во 1986 година, кога при посетата на Анкара имал можност да го слушне тогаш 16-годишниот Сај. Контактот со слободните креативни процеси, се смета за извор на огромниот импровизаторски талент на Фазил Сај, како и на неговиот естетски поглед и во творештвото, како композитор. Неговата извонредна техника бргу му овозможила со леснотија да ги совлада комплексните дела, од префинетоста на Бах, Хајдн и Моцарт, до виртуозната брилијантност на Лист, Мусоргски и Бетовен, што ќе му донесе победа на Меѓународниот натпревар „Young Concert Artist“ во Њујорк, во 1994 година. Оттогаш, тој настапува со сите реномирани американски и европски оркестри, со водечки диригенти, градејќи повеќеслоен репертоар, кој се движи од барок, до современите дела, вклучувајќи ги и сопствените.

 

Скопје, за среќа, ја имаше честа да го слушне и види Сај во Филхармонијата, а за привилегијата да се живее во негово време, комплименти упати и нашиот талентиран пијанист Дино Имери кој се сликаше за спомен со пијанистичката ѕвезда и ја сподели фотографијата на ФБ. (Л.С.)