„Вирџин Атлантик“ побара банкрот во САД за да дојде до договор за спас

Авиокомпанијата „Вирџин Атлантик“, чиј основач е британскиот милијардер Ричард Бренсон, поднесе барање за банкрот во САД затоа што глобалната авио-индустрија се соочува со големи проблеми поради пандемијата на вирусот корона.

Компанијата со седиште во Велика Британија поднесе барање за заштита од банкрот во Њујорк во вторникот, јави „Си-Ен-Ен“

Вирџин Атлантик не е имуна на проблемите со кои се соочуваат авиокомпаниите. Во јули, компанијата доби помош од 1,2 милијарди фунти (1,5 милијарди долари) за да ја одржи својата солвентност, само неколку дена пред очекуваното продолжување на патничките летови.

Превозникот соопшти дека планот за докапитализација ќе се спроведе во наредните 18 месеци и дека има поддршка од акционери, нови инвеститори и постојни доверители.

Барањето за заштита од банкрот беше поднесено според таканаченото Поглавје 15, што претставува засолниште за американските средства во странски компании кои минуваат низ постапки за реструктуирање во матичната земја.

Тоа следеше непосредно по рочиштето во Велика Британија претходно истиот ден, каде што Вирџин Атлантик доби одобрение да свика состанок на доверителите на 25 август за да се гласа за планот за реструктуирање.

Американскиот хеџ фонд Дејвидсон Кемпнер обезбедува финансирање од 150 милиони фунти (188 милиони американски долари) како дел од планот за докапитализација, за кој Вирџин Атлантик соопшти дека ќе стапи во сила следниот месец. Вирџин груп на Ричард Бренсон учествува со 200 милиони фунти (262 милиони долари).

„Вирџин Атлантик веќе отпушти 3.550 вработени и ја затвори својата база на лондонскиот аеродром Гетвик, бидејќи авиосообраќајот го претрпе најлошиот пад досега поради пандемијата на коронавирус.

Сестринската компанија Вирџин Австралија во средата објави план за преструктуирање под водство новиот сопственик, Беин Капитал. Авиокомпанијата намали 3.000 работни места, или околу една третина од својата работна сила и го приземји ниско буџетскиот превозник, Тајгерер Австралија.

Глобалното авио патување не се очекува целосно да закрепне до 2024 година, според податоците на Меѓународното здружение за воздушен сообраќај, кое претставува 290 компании.