„Виолин-фест 2019“: Инспиративен подиум за младите виолинисти


Единствениот фестивал за млади виолинисти се одржа во камерната сала на Филхармонија, а учество зедоа музичари од различни возрасти.
Оваа манифестација се одржува веќе седум години по ред, по иницијатива и во организација на Владимир Костов – истакнатиот македонски виолинист постојано присутен на концертните подиуми како солист и член на различни камерни состави, концерт-мајстор на Филхармонијата и вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Фестивалот се реализира со поддршката од Министерството за култура и секогаш предизвикува голем интерес кај стручната и пошироката јавност.
Самиот Владимир Костов потенцира дека целта на манифестацијата „Виолин-фест“ е да им се овозможи на младите виолинисти уште еден простор за музицирање, надвор од редовните настапи предвидени со наставата. „Благодарение на ова, фестивалот постепено ги привлече и учесниците од другите земји во регионот, со што станал меѓународен. Така, на овогодишното фестивалско издание, покрај младите виолинисти од Македонија, учествуваа и нивните колеги од Србија и Косово“ информира студентката на одделот за музикологија на ФМУ – Скопје, Нора Бајрами.
На сцената на камерната сала настапија младите виолинисти од различна возраст и образовно ниво – од трето одделение на основното музичко училиште до трета година на Факултетот за музичка уметност. Разбирливо најмногубројни беа македонските учесници од повеќе музичко-образовни установи ширум земјава: Лина Николеска (Охрид), Иван Милосов (Кочани), Михаела Лазарева (Штип), Леонардо Димоски (Прилеп), Александар Војневски (Скопје – ДМБУЦ), Марио Робе (Скопје – ФМУ). Гостите од Ниш – Србија беа: Алекса Аќимовиќ, Лазар Мутавѓиќ и Андријана Косовац, а Леуфат Буџуку дојде од Пеќ – Косово.
Заслужни за нивната подготовка беа наставниците и професорите: Христина Пецаковска Николеска, Петар Поповски, Ангела Аревска, Љупчо Трајковски, Сихана Бадивуку, Биљана Весковска, Владимир Костов, Милена Стевановиќ и Ерис Опари-Зека.
Во изведбите, учесниците демонстрираа солидна техничка подготвеност и чувство за сценски настап, а успеаја и да го доловат карактерот на делата од Крајслер, Паганини, Новачек, Виењавски, Сен-Санс, Кабалевски и Сарасате. Особен акцент во целата програма беше ставен на творештвото на Крајслер, Паганини и Виењавски – прочуените композитори, виолинисти, за кои на почетокот на концертот инспиративно говореше организаторот Владимир Костов.
Како учесниците така и нивните наставници беа единствени во ставот дека овој настан нуди одлична можност за меѓусебна соработка, споделување на нови идеи, стекнување знаења од различни традиции и проширување на хоризонтите. Во недостаток од јавните настапи кои играат клучна улога во формирањето на младите уметници, манифестацијата „Виолин-фест“ е уште еден подиум каде што тие можат да се претстават, да стекнат сценско искуство, а со тоа – самодоверба и инспирација за работа. За тоа придонесува и општата топла и пријателска атмосфера на фестивалот кој не е со натпреварувачки карактер. Од особено значење за младите виолинисти беше и можноста да соработуваат со нашата реномирана пијанистка Марија Вршкова – професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје и една од најпрочуените и искусни во ансамбловото музицирање. Забележана беше и уметничката соработка на младиот пијанист Јордан Петрушевски кој настапи во дуото со Александар Војневски.