Виолетов килим, френетична публика и концерт – Андреа во Мадрид ја заврши евровизиската турнеја


Промотивните евровизиски настани се одличен тренинг за учесниците на најголемиот музички фестивал во Европа, а оваа година, во пресрет на 66-тото издание, загревањето за трката во Торино беше заокружено со голема предевровизиска забава во Мадрид, Шпанија.

Изминатиот викенд, на сцената на еден од најпознатите клубови во Мадрид, Сала Ла Ривиера настапија повеќе од 20 од годинашните учесници на Евровизија, вклучувајќи ја и нашата претставничка Андреа, како и 13 специјални музички гости.

Шпанците, познати како едни од најстрасните евровизиски фанови, за време на настапот ја придружуваа Андреа во еден глас со бурни овации, а во коментарите постојано се потенцира дека нејзината вокална интерпретација во живо станува се подобра.

„На промотивната турнеја успеав да скршам многу граници во себе, ги осознав своите можности и научив како да ја контролирам тремата. Ја сакам тремата, таа е мој пријател и ми овозможува да дадам максимум на сцената“ – вели Андреа.

„Мадрид за мене беше најубавото искуство од целата промотивна турнеја, можеби затоа што бевме свесни дека е последно и дадовме се од себе на таа сцена. Ова беше најдобрата ноќ во мојот живот, шпанската публика со нејзината енергија и поддршка е едноставно прекрасна!“ – дополнува Андреа.

Настанот во Мадрид вклучуваше и средба со медиумите и фановите на виолетов килим, како и бројни интервјуа и снимања за специјализираните евровизиски страници. Настанот беше проследен и од националната телевизија на Шпанија, ТВЕ.

Со настапот во Мадрид, Шпанија, учесниците на овогодишниот натпревар за песна на Евровизија ја заокружија промотивната турнеја, но се соочија и со фактот дека Торино е на само две недели одовде. Како се подготвуваат останатите изведувачи не знаеме, но Андреа вели дека е целосно посветена и секојдневно работи на усовршување на својата изведба.

Евровизија годинава се одржува во две полуфинални вечери на 10 мај и на 12 мај кога настапува и нашата Андреа, а финалето е закажано на 14 мај.