Читањето може да биде опасно…добро: Утре завршува Саемот на книги во Скопје (фото)


Фото: Б. Грданоски

Во рамки на годинашниот меѓународен саем на книгата во Скопје, денеска Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ) ги додели наградите поделени во пет категории, за изданија издадени меѓу двата саеми.

Фото: Б. Грданоски

За прва категорија за најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саеми добитник на наградата е VIOLA ARSENICA“ од авторот Влада Урошевиќ и издавачи ИК Готен и МАНУ од Скопје.

Фото: Б. Грданоски

Втора категорија за најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга – едиција меѓу двата саеми е едицијата „Гравири“, дизајн на Јованчо Димоски а издавач е ПНВ ПУБЛИКАЦИИ.

Во трета категорија за најдобро илустрирана книга или сликовница меѓу двата саеми наградена е „Приказни за добра ноќ на мама Ана“. Автор на текстот е Билјана С. Црвенковска, илустрации се на Магдалена Тофилоска и Горан Мрвиќ, издавач е „Светот на Биби“.

Фото: Б. Грданоски

Во четврта категорија наградата „Јаков од Камена Река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција меѓу двата саеми ја доби „Сирена која се смее: пет бајки од Венецијанското гето“. Автор е Мирјана Огњановиќ, илустрации се од Александар Палавестра, издавач АВАНТ ПРЕС.

Петта категорија за Најдобар книжар меѓу двата саеми ја доби Ивона Стојковска од „Светот на Биби“.

Фото: Б. Грданоски

Одлуката ја донесе тричлена стручна комисија во состав на писателот Блаже Миневски, претседател, новинарката Весна Дамчевска, член, и академскиот ликовен уметник Златко Глигоров, член. Право на учество имаа сите изложувачи на саемот.

Секоја година Саемот на книгата ја отвара дилемата: Дали во Македонија се читаат книги?

Фото: Б. Грданоски

Од една страна, напливот на медиуми и интернет сепак не ја истисна книгата, според експертите има читатели кои освен лесна литература и бетселери, читаат стручна литература. Од друга страна, во Македонија нема развиено култура на читање, која подразбира свест и потреба за подигање на нивото на сопствените знаења, како и желба за развој на сопственото духовно живеење на поединците. Па, малкумина го сметаат читањето за осмислен забавен начин на поминување на слободното време. Но истовреме меѓу помладата генерација е забележливо читањето светски бетселери на оригинален англиски јазик.

Галеријата на нашиот фоторепортер Борис Грданоски ја пренесува атмосферата од годинешниот Саем на книгата на отворено непосредно до Аква паркот (А1 Арена – СЦ Борис Трајковски) и со сертификат,  кој завршува утре. 

Под мотото „Читањето може да биде опасно…добро“ во текот на седум дена беа организирани 33 промоции на нови изданија.На саемот земаа учество над 60 издавачки куќи кои покрај промоциите, донесоа и големи саемски попусти до 70%.