Виното се избира како партнерот: На вистинско место и во вистинско време, прашајте ги дипломатите
Почнувате со ракија или бело шардоне, продолжувате со розе, и завршувате со пино ноар, секако со мезе, свежи салати, гравче и тазе скара
Со виното сме веќе во Европа. Наше, а светско. Бренд со мирис на македонските лозја, почва, сонце, ветер и дожд, вкус, знаење и технологија. Бело, розе или црвено, евтино или скапо, го избирате по ваш вкус и расположение, како што го избирате партнерот, од Балканот или странец, со стил или манири, или мачо, боем во душа и со начинот на живот, интересен за друштво, а дома- не се трпи.

Питко, освежително, или силно, кое го вади на виделина скриеното „вие“ , денот ви изгледа сончев, друштвото погодено, или ве удира силно во глава и ве тера на спиење. Трезни или мамурни, виното во еден момент во животот ви ја открива вистината- и за пријателите и за партнерот. Некогаш на време, а некогаш предоцна. Кој да знае, таков е животот, некогаш жолт, некогаш сив, како пееше Бајага. Ама како и да е, и виното и љубовта, со здравствените бенефити, ве опиваат или ви го продолжуваат животот. Ако претерате, може и да ви го скратат!
Секоја година, љубителите на вино, од сите фели, во чест на Денот на лозарите и винарите, свечено присуствуваат на традиционалното закројување на винската локација Лепово на ВВ „Тиквеш“, препознатлива по врвните вина, наградувани во светот. Поелитно, со помалку гости, со вистинска музика – домашни или регионални поп-шлагери со Лидија Кочовска и нејзиниот бенд. Почнувате со ракија или бело шардоне, продолжувате со розе, и завршувате со пино ноар, секако со мезе, свежи салати, гравче и тазе скара.

Дипломатите, за чудо или не, секогаш се на вистинско место, во вистинско време и со вистинско друштво низ Македонија. Ги препознаваат гурманските бисери на нашата земја, со најубавиот поглед на непрегледни долини, планини, ниви, полиња и езерска шир. Каде се дипломатите, таму е најубаво и највкусно. Затоа ги има и во голем број во Лепово, каде гостите се облекуваат како што се чувствуваат и како се расположени. На некои гости им е важен изгледот, за некои, удобноста. Некои ептен дотерани, особено жените, со шапки и бунди, некои лежерно и спортски. Ретко кој го приметува протоколарниот дел со политичари и министри, гостите тука се дојдени неколку часа да уживаат, да го слават животот, да дегустираат квалитетни вина, на сонце и на свеж и чист воздух, подалеку од загаденото и со сообраќајна гужва, Скопје .
По Трифун и Валентајн, животот продолжува со низа лузни кои нема да ги снема туку ќе не потсетуваат на минатото, на она што сме биле и на она во што сме се претвориле.
И во Македонија и во Европа. Наздравје!
Фото: „ImagePR“