Вилма да ги води „27 април“ и „Рекет“, ама шефот ќе ѝ го каже ВМРО


Власта и опозицијата прават уште еден чекор да ги доближат ставовите за законот за обвинителство по неуспехот на средбата меѓу лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Сега теренот го испитуваат советниците на премиерот и на првиот човек на опозицијата, Бојан Маричиќ и Тимчо Муцунски. По нивната средба во неделата, двете најголеми партии во земјава доставија свои предлози како би се одврзал јазолот, а доколку има напредок – процесот ќе биде во обратна насока: нов состанок на работните групи, а на крајот и уште една лидерска средба.

Според информациите што ги добивме од двете партии, согласност има само околу тоа шефот на новото Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција да биде предложен од опозицијата. Но, освен формата, суштината е различна и на „Бихаќска“ и во „белата палата“.

Извори од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“ брифираат дека тие предложиле актуелното Основно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција што го предводи Вилма Русковска да се спои со расформираното Специјално јавно обвинителство.

Русковска ќе има загарантирана независност и ќе си ги води предметите за 27 април и ‘Рекет’, исто како и досега. Но шефот на новото обвинителство ќе го избираме ние. Секако, во согласност со власта и со краен амин од Советот за обвинителство. Предвидовме контролни механизми околу изборот на новиот шеф. Прво, ги заостривме критериумите, ќе мора да има поголемо искуство и знаење. Потоа, власта ќе може да го одбие нашиот прв предлог, па вториот, по што одиме на позитивна селекција и со дијалог. Доколку пропадне, поднесуваме листа со три имиња до Советот на обвинители и тие ќе одберат едно од нив. За предметите од СЈО што сега се префрлаат во Јавното обвинителство би се создала законска рамка да можат да бидат трансферирани во новото обвинителство, кое ќе биде надлежно да води случаи од организиран криминал и висока корупција. Последниот збор ќе го има републичкиот обвинител Љубомир Јовески, но тој, фактички, ќе треба само ги префрли предметите во новото обвинителство“, тврди висок извор од ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Б. Грданоски

Во СДСМ, пак, одговараат дека нема напредок во преговорите. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ останува на идејата да ги забошоти сите предмети што досега беа отворени од СЈО.

Можеби мал напредок е тоа што ВМРО-ДПМНЕ досега официјално не прифаќаше спојување на Обвинителството за гонење организиран криминал со СЈО, а сега вели дека тоа не му пречи. Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат на нашата забелешка дека во новото обвинителство би требало да преминат и сите обвинители од СЈО и тоа со рок на траење од најмалку една година, со цел предметите да не влезат во правен вакуум, застарување или одложување на процесите. Тие бараат обвинителите од СЈО да одат на конкурс доколку сакаат да работат во новото обвинителство. Тоа изгледа логично, само што во тој случај, ќе се изгубат месеци и месеци додека заврши процедурата, па потоа додека повторно ним им бидат доделени предметите, па додека се закаже новото рочиште… Преговорите одат тешко затоа што во преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ има луѓе што се директно засегнати во предметите на СЈО и тие со сите сили се обидуваат да го минираат процесот“, тврди извор од преговарачкиот тим на СДСМ во изјава за „Независен“.

Трансферот на предметите од специјалното во обичното обвинителство ја исклучи потребата од итно решавање на проблемот, но и натаму е исклучително важно да се најде решение за законот од кој може да зависи и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија.

Горан Адамовски