Вилдерс го поддржува Трамп да ја исчисти Газа од Палестинците


 Лидерот на холандската крајнодесничарска партија ПВВ, Герт Вилдерс денеска го поддржа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за принудно раселување на Палестинците од Појасот Газа во Египет и Јордан кој во Европа е оценет како  етничко чистење и  воено злосторство.

„Многу точно, претседателе Трамп! Како што секогаш велев, Јордан и Палестина (се исто). Нека се преселат Палестинците во Јордан. Проблемот со Газа е решен!“, напиша Вилдерс на мрежата Икс.

Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп, од партијата НСЦ, која е коалициски партнер на ПВВ, претходно изјави дека се противи на присилната депортација на Палестинците од Појасот Газа, пишува „НЛ Тајмс“.

Набргу откако актуелниот холандски кабинет ја презеде должноста, Велдкамп и даде гаранции на јорданската Влада дека Холандија нема да поддржи преселување на Палестинците, откако Вилдерс во јули изјави дека Јордан е „единствената вистинска палестинска држава“.

Аман го критикуваше овој став на Вилдерс, а Велдкамп рече дека Холандија поддржува решение за две држави, Палестина и Израел.

Трамп повторно предложи Палестинците да бидат раселени од Појасот Газа во Египет и Јордан, што тие земји го отфрлија. Тој додаде дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како нова „Ривиера на Блискиот Исток“.

Предлогот на Трамп беше одбиен од Русија, Кина, Франција, Велика Британија, Германија, Словенија, како и многу арапски земји.