Вилата „Водно“ откри: Кој го чува грбот на Пендаровски?


Фото: Б. Грданоски

Високите државни почести денеска за претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ во вилата „Водно“ откри кој го чува грбот на македонскиот претседател и воедно врховен командант Стево Пендаровски. Тоа е првата жена-аѓутант во нашата историја на оваа должност, полковник Билјана Блажевска, промовирана на оваа функција на 18 август, на Денот на Армијата.

Полковник Блажеска била учесник на повеќе меѓународни обуки и вежби како припадник на Армијата, вклучувајќи го учеството во меѓународната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан во периодот од јуни 2018 до јануари 2019 година.

Учествувала во повеќе НАТО вежби и е оценувач е на декларираните единици на Армијата согласно Концептот за оперативни способности на НАТО.

Завршила специјализација за командни и штабни должности на Воената академија во Скопје, курс за стручно оспособување и усовршување на офицери за служби на копнената војска на Армијата 2000-2001 во втората генерација на жени во Армијата.

Во Армијата работела во областа на логистика и била активно вклучена во проекти за развој и унапредување на опремувањето на Армијата, унапредување на логистичката поддршка на единиците на Армијата во мир и во воена состојба како и при упатување во мисии надвор од земјата.

Доби должност од претседателот Пендаровски да биде негов помошник и советник за воени прашања, но и да биде негов придружник при државнички настани во земјата и во странство. Надлежна е и за протоколарни активности при прием на странски делегации кои се во посета на земјава и за службени посети во странство.

Потекнува од семејство на воени лица и отсекогаш посакувала да биде дел од Армијата. Мажена е и има две ќерки. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски