Вил Шарф ќе биде помошник на Трамп во Белата куќа


Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека почнувајќи од септември, сегашниот секретар на кабинетот на Белата куќа, Вил Шарф, ќе служи како помошник на претседателот на САД во Белата куќа, додавајќи дека сегашниот помошник Дејвид Ворингтон ќе се посвети на „приватниот сектор“.

Трамп истакна дека Шарф ќе ја преземе својата нова позиција на 1 септември.

„Вил одлично ја заврши работата како секретар на кабинетот на Белата куќа и беше директор на Комитетот за планирање на капиталот. Го познавам многу добро. Претходно добро ме застапуваше во бројни случаи, вклучително и во Врховниот суд, за време на корумпираната и нелегална кампања на администрацијата на Бајден“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Тој додаде дека Шарф претходно работел како државен обвинител, адвокат во приватна фирма и дека студирал и на Принстон и Харвард.

„Вил е жилав, силен и паметен. Тој ја сака нашата земја и го почитува законот“, рече Трамп. Зборувајќи за Ворингтон, Трамп рече дека тој завршил „неверојатна“ работа како советник, како и за време на изборната кампања на Трамп.