Викторија Нуланд – заминувањето на иконата на американскиот неоконзервативизам
Без никакво сомневање, влијанието на Викторија Нуланд во формирањето на американската надворешна година во последните 35 години беше исклучително значаен

Зборувајќи виртуелно на неодамнешниот бизнис форум „Копаоник“, професорот од Универзитетот Колумбија во Њујорк и отворен критичар на проширувањето на НАТО кон Русија, Џефри Сакс, рече дека треба да се прослави фактот што потсекретарот за политички прашања во Стејт департментот на САД, Викторија Нуланд, ја напушта својата функција и оди на пензија. Професор Сакс истакна дека токму Нуланд како долгогодишен кариерен дипломат на САД била одговорна за определувањето на Америка кое подразбира доминација во меѓународните односи и дека лично влијаела на одлуката на американската администрација да се нападне Ирак во 2003, како и за поддршка на мајданскиот преврат во Киев во Украина.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, истакна дека придонесот на Викторија Нуланд за поткопување на довербата на Русија и Америка е колосален и дека таа е лицето на се што се случува во Украина. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, пак, по објавата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Викторија Нуланд оди во пензија, објави дека е одлучено Киев да ѝ посвети улица и поранешната улица „Чајковски“ отсега да го носи името на Викторија Нуланд.
Несомнено е дека влијанието на Викторија Нуланд во формирањето на американската надворешна политика во изминатите триесет и пет години е исклучително значајно. Интересно е што Нуланд работеше и беше влијателна и во демократските и во републиканските администрации. Студирала руски јазик на Универзитетот Браун и служела како млад дипломат во Москва во раните 1990-ти, по распадот на СССР.
Од 1993 до 1996 година, таа беше шеф на кабинетот на заменик-шефот на Стејт департментот, Строуб Талбот, а потоа и заменик-директор за територијата на поранешниот СССР. По победата на Џорџ Буш помладиот, таа стана советник на американскиот потпретседател Дик Чејни и одигра важна улога во донесувањето на одлуката на американската администрација да го нападне Ирак без одлука на Советот за безбедност на ОН и без никакви докази за постоењето на оружје за масовно уништување, што резултираше со дестабилизација на Ирак и појава на екстремната Исламска држава.
Џорџ В. Буш ја назначи за амбасадор на САД во НАТО од 2005 до 2008 година, каде што таа силно се залагаше за ангажман на НАТО во Авганистан надвор од неговиот радиционално северноатлански простор, како што е дефинирано со основачкиот договор. По победата на Барак Обама, таа стана портпарол на Стејт департментот, додека Хилари Клинтон беше државен секретар, а од 2013 година е на позицијата помошник-државен секретар за Европа и Евроазија. Во тоа време, таа ја поддржуваше револуцијата на Мајдан и се залагаше за вооружување на Украина. Познат е нејзиниот разговор со Џефри Пјат, американскиот амбасадор во Киев, кога се залагаше во украинската влада да влезат политичарите кои демонстрираа на Мајдан и во тој процес да се вклучат ОН, а не ЕУ. Потоа ја изговори познатата реченица „ Fuck the EU “ (Нек се е.. ЕУ), што предизвика констернација кај Ангела Меркел и лидерите на Унијата во Брисел, кои зборовите на Нуланд ги окарактеризираа како апсолутно неприфатливи.
За време на нејзината дипломатска кариера, Нуланд дејствуваше од неоконзервативни позиции и во републиканската и во демократската администрација. Нејзиниот сопруг Роберт Каган е еден од водечките теоретичари на неоконзервативизмот, а веќе во 2006 година тој објави во „Вашингтон пост“ дека Русија и Кина можат да претставуваат најголем предизвик за либералните западни вредности, а тој исто така се залагаше за ослободување на Украина од руското влијание, како и пристапувањето на Киев во ЕУ и НАТО.
Неоконзервативната филозофија во САД, чии поддржувачи беа Вилијам Кристол, Патрик Мојнихан и Џин Киркпатрик, и двајцата постојани претставници на САД во ОН, Пол Волфовиц, поранешен секретар за одбрана за време на администрацијата на Џорџ В. Буш, Дик Чејни и други се залагаа за доминација на САД во меѓународните односи. Неоконзервативците го гледаа светот во бинарни термини. Или сте за САД и нејзините интереси или не сте. Мултилатерализмот, преговорите, Обединетите нации, меѓународното право беа гледани со сомнеж и скептицизам. Целта е да се спречи каква било закана за интересите на САД. Меѓународното право и Повелбата на ОН се релативни категории. САД првично го поддржуваат формирањето на Меѓународниот кривичен суд. Клинтон му пристапува, но Џорџ Буш помладиот веднаш го напушта. За САД е неприфатливо американските војници некогаш да бидат обвинети за воени злосторства.
Во својата работа, Викторија Нуланд силно ги бранеше наведените принципи и постулати. Таа на Самитот во Букурешт се залагаше за прием на Украина и Грузија во НАТО. Таа силно го поддржа вооружувањето на Украина по руската окупација на Донбас и Крим. Нуланд отворено рече дека тоа е руска инвазија и владеење на теророт и се закани дека Путин на крајот ќе мора да плати. Во тоа време, таа ги опиша преговорите со членките на ЕУ кои не сакаа да ја критикуваат Москва како обид да се стават мачки во кафез.
Во својата долга кариера, Нуланд беше миленик на Дик Чејни и Хилари Клинтон, Џорџ Буш помладиот и Џо Бајден, републиканци и демократи. Таа не сакаше да служи под Доналд Трамп и го обвини дека ги поткопува кадровските основи на Стејт департментот.
Објавувајќи го своето пензионирање, државниот секретар Ентони Бликен рече дека Нуланд е исклучителна затоа што е страстен борец за нејзините верувања – слободата, демократијата, човековите права и капацитетот на Америка да ги инспирира тие вредности ширум светот. Нејзината улога во Украина, истакна Блинкен, ќе биде предмет на проучување во годините што следат. Тој оцени дека нејзините напори се неопходни за да се спротивстави на инвазијата на Путин и да организира глобална коалиција за да се осигура неговиот стратешки пораз.
Пред десет години во времето на Мајдан, Нуланд беше ѕвезда во Вашингтон, но на неа гледаа со сомнеж во Западна Европа, која ја сметаше за непромислена и дрска, со недипломатски пристап и начин. Тој скептицизам беше значително намален по руската инвазија на Украина.
Нуланд несомнено останува контроверзна фигура на која се гледа дијаметрално спротивно во Вашингтон и Москва, но ќе остане запаметена како значаен фактор во светската дипломатија на почетокот на дваесет и првиот век и силен поддржувач на желбата на САД да бидат доминантна глобална сила. (Текстот е објавен во српскиот магазин „Радар“)