Виктор Орбан ја обвини ЕПП дека шири лажни вести


На масата на Доналд Туск има барање за исклучување на партијата на Орбан

Унгарскиот премиер вели дека барањата за исклучување на неговата партија од ЕПП било „најциничното нешто што го искусил“

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, испрати писмо до лидерите на партиите на централно-десничарската Европска народна партија (ЕПП), во кое ги обвинува и политичките противници и сојузниците за ширење лажни вести за унгарскиот закон за корона вирус, кој ѝ овозможи на неговата влада да владее со декрети без временски ограничувања.

„Во последните неколку недели бевме сведоци на досега невидена кампања за напад и дезинформација против Унгарија“, напиша Орбан, опишувајќи го нападот како „суров“.

„Тоа е најциничното нешто што сум го искусил, затоа што намерно се запоставува дека владата, која беше цел, очајно се бореше за спасување човечки животи“.

Орбан посочи на фактот дека унгарскиот парламент заседава откако беше донесен законот, додавајќи дека „надлежноста да се прекине состојбата на опасност или кој било декрет донесен од владата е предадена на парламентот“.

Во почетокот на април, тринаесет европски централно-десничарски политички лидери побараа од Доналд Туск, претседател на ЕПП, да ја избрка партијата на Орбан, Фидес, од европската политичка групација.

Писмото го потпишаа лидери од Белгија, Чешка, Данска, Финска, Грција, Литванија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Словачка и Шведска.

„Законот усвоен од унгарскиот парламент на 30 март, кој ѝ овозможува на унгарската влада на неодредено време да ја продолжува вонредната состојба на земјата и му дозволува на премиерот Виктор Орбан да владее со декрети, е јасно кршење на основните принципи на либералната демократија и европските вредности“, се наведува во писмото.

Орбан се осврна на своите критичари, пишувајќи дека „нашите официјални политички противници, но и позагрижувачки, некои политичари на ЕПП, исто така, беа активно вклучени во ширењето лажни вести“.

Европската комисија досега се воздржа од влегување во критиките.

„Го проучував темелно унгарскиот закон и морам да кажам дека кога ќе го прочитаме самиот закон, тој не предизвикува причина за започнување на постапката за прекршување, сѐ уште“, рече комесарот за вредности и транспарентност на ЕУ, Вера Јоурова.

„Морам да истакнам ‘сè уште’, затоа што многу внимателно следиме што работи унгарската влада и како се користат многу широките дискрециски овластувања, особено за издавање на владините уредби“, додаде таа.

Орбан додаде дека „европратениците испаднале смешни и институцијата на која ѝ припаѓаат“ со „цитирање на некои од овие лаги“ во резолуцијата на Европскиот парламент со која се осудува законот за корона вирусот на Унгарија.

„Наскоро треба да одлучиме дали ќе дозволиме да се разделиме и ослабнеме понатаму или да застанеме обединети и да продолжиме како водечка конзервативна движечка сила во европската политика“, додаде унгарскиот лидер. (Еурактив)