Виктор Димовски нема да реферира за Онишченко и не се откажува од амбасадорската функција

Димовски се повикува на изјавата на премиерот Ковачевски кој рече дека што се однесува до Владата е завршена постапката тој да оди како амбасадор во Париз


Виктор Димовски (Фото: Б. Грданоски)

 

Досегашниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, денеска не сакаше да ја коментира најавата на шефот на дипломатијата, Бујар Османи, дека тој, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски деновиве ќе носат политичка одлука дали треба да замине како амбасадор во Франција, откако процедурата е речиси завршена и тој има добиено одобрување од официјален Париз. Димовски само упати на изјавата на премиерот Ковачевски, дадена минатата недела, во која нагласи дека, што се однесува до Владата таа постапка е завршена и дека одговор на ова прашање натаму треба да се бара во Собранието и кај шефот на државата.

Од изјавата на Димовски за „Независен“ е јасно дека нема намера самиот да се повлече од амбасадорската функција, а ветер во грб му дава одлуката на Владата за негов наследник во АНБ да биде именуван Зарко Милошовски, помошникот директор во Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар. Милошовски инаку е директно одговорен што украинскиот олигарх Олександр Онишченко доби државјанство од Македонија, бидејќи неговиот потпис стоеше на безбедносниот документ.  

Практично, оваа одлука на Владата да го унапреди тој што направил пропуст во проценката на безбедносната закана со Онишченко ќе биде контрадикторна со евентуалната можна одлука да го повлече од амбасадорската функција екс-директорот на АНБ, кој го потпишал државјанството верувајќи на работата на Милошовски. Попросто кажано, не може да се унапреди тој што ја направил грешката, а да се смени тој што заради неговиот пропуст потпишал грешна одлука.

Димовски вчера не знаеше кога државниот врв ќе решава за неговата нова функција, но најави дека нема да присуствува на Комисијата за надзор на работата на безбедносните служби бидејќи тој веќе ја нема функцијата шеф на АНБ за да реферира. Затоа што тоа веќе не е во описот на неговите надлежности, што било причина и да не присуствува на нејзиното второ продолжение минатата недела.  

„Потписот на Милошоски стои на безбедносната проценка дали треба да му се даде државјанство на Онишченко –  зар тој не е посоодветен да даде отчет пред комисијата?“, вели Димовски.   

Од одржувањето на оваа седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ и на Агенцијата за разузнување ќе зависи кога ќе се одржи седницата на Комисијата за надворешна политика на која Димовски треба да ги престави своите приоритети како амбасадор во Париз. Според првиот човек на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски, ќе се чека прво Димовски да го објасни скандалот, а потоа да се закаже седница за неговото именување за амбасадор во Париз и за новоименуваниот амбасадор во Подгорица.

На распоредот на Собранието за неделава нема најава ни за едната ни за другата комисија, така што прашање е дали претседателот, премиерот и шефот на дипломатијата ќе чекаат тие да се одржат или претходно, без влијание од нивната работа, ќе ја донесат одлуката.

Со оглед на тоа дека и Владата даде одобрување за државјанството на Онишченко верувајќи на потписот на Виктор Димовски, а шефот на дипломатијата Османи за поголемиот скандал со заменик-шефот на мисијата на Македонија во ОБСЕ, Миле Миленковски, не сметаше дека воопшто е одговорен по функција, иако тројца негови дипломати беа фатени како извлекуваат контроверзен бизнисмен од Ерменија, а за 200-те пасоши на многу поконтроверзни светски криминалци никој не се ни обиде да лоцира одговорност на повисоко ниво, дали Димовски треба да биде единствениот што треба да одговара за пропустите на институциите. Со оглед на сите драми што се случуваат околу отчетот за случајот„Онишченко“ (јавното пренесување на затворената седница на комисијата за надзор, закажувањата па откажувањата, отсуството на Димовски на втората седница…) тешко е да се предвиди како ќе одат натаму случувањата и со што ќе се возврати.  

Претседателот Пендаровски уште пред еден месец излезе со став дека ако се утврди дека Димовски е одговорен за издавањето македонско државјанство на Онишченко, нема да оди за амбасадор во Париз. Опозицијата, пак, во континуитет обвинува дека не станува збор за пропуст туку за скандал и дека Онишченко бил руски шпион, иако тој има дозволи за престој во неколку европски држави и десет години живее во Германија, па и води бизниси. Онишченко се најде на црната листа на САД во јануари 2021 година со образложение дека е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа во 2020 година“.