Викендов во Скопје ќе се одржи „Мај флај 2019“


Претстојниот викенд, 11 и 12 мај на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје ќе се одржат светски куп во трки со дронови и интернационалниот собир на моделари „Мај флај 2019“, како и размена на искуства од ревијален вид со презентација на радио контролирани воздухопловни модели.

-„Мај Флај 2019“ е спортски настан од отворен карактер на кој ќе се промовираат сите категории на радио контролирани модели, ќе се презентираат достигнувањата на македонските моделари и пилоти, ќе се споделат нивните искуства, но и ќе се разменат со искуствата на интернационални моделари и пилоти учесници во натпреварувачки и ревијални собири од интернационален карактер. Ова е навистина значаен настан кој придонесува за ширење на љубовта кон спортското воздухопловство, изјави Биљана Еверетте, генерален секретар на Воздухопловна федерација на Македонија.

„Мај Флај” се одржува традиционално, четврта година по ред, а годинава организаторите очекуваат над 2.000 посетители на настанот кој ќе биде со акцент на најмладите.

-Среќни сме што и оваа година добивме поддршка од Македонскиот олимписки комитет, преку соработка со МОК ТВ. Со нивна помош првиот ден настанот ќе се пренесува во живо со директен линк на Јутјуб. Нашата визија е да се промовира бенефитот и уникатноста на радио контролираното моделарство како спорт и хоби и да се прошират и зацврстат долгорочните врски со интернационални и регионални клубови и нивните членови. Сакаме да овозможиме пристапно уникатно искуство на сите обожаватели на овој атрактивен спорт и хоби, кој воедно носи и бројни придобивки во креирање на здрави навики и стил на здрав живот преку престој во природно опкружување со што крајно и се стекнуваат врски и вмрежување со луѓе со слични интереси преку лична, клубска промоција, но и промоција на матичната земја, додаде Еверетте.

„Мај флај 2019“ ќе се одржи двата дена од викендот, во периодот од 11 до 18 часот, на спортскиот аеродром Стенковец , бразда LW 75.

Настанот е дел од одбележувањето на јубилејот 75 години од постоењето на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), аорганизатори се Агенцијата за цивилно воздухопловство  во соработка со воздухопловниот спортски клуб „РЦСК”.