Викендов Грција очекува највисоки температури за 150 години


Рекордно високи температури во Грција, највисоки во последните децении за месец мај, се очекуваат во текот на викендот, а во одредени делови од земјата, според предвидувањата на метеоролошкиот портал „Метео“ на Националната опсерваторија во Атина, ќе бидат и над 40 степени, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките медиуми ја пренесуваат и изјавата на професорот од Универзитетот на Крит и директор на Институтот за истражување и одрлжлив развој при Националната опсерваторија во Атина, Никос Михалопулос, кој за „ЕРТ“ рекол дека ако се потврдат предвидувањата за 40-41 степени Целзиусови, тогаш тоа ќе биде рекорд во последните 150 години.

Според податоците на грчката опсерваторија, на 13 мај 2017 година во градот Аргос на Пелопонез и на 30 мај 1969 година во градот Лариса биле регистрирани 40 степени Целзиусови што се и досегашните рекорди во Грција.

Во месец мај, рекордно високи температури во Атина (36,8 степени) биле регистрирана во 2008 година, а во Солун (36,6) во 1950 година.