„Викенд без ДДВ“: За да се добие целиот данок сметките треба да се скенираат во рок од три дена


За враќање на целиот износ на Данокот на додадена вредност во претстојниот „Викенд без ДДВ“, граѓаните треба да ги скенираат фискалните сметки во рок од три дена од нивното издавање, а доколку ги скенираат по овој рок враќањето на ДДВ за овие  производи ќе продолжи како и до сега, односно ќе се враќа 20 отсто од искажаното ДДВ на фискалната сметка.

Ова го соопшти ВД директорот на Управата за јавни приходи, Фарук Омери, кој на прес конференција зборуваше за оваа мерка од четвртиот пакет кои ги донесе Владата, а која денес беше визирана и од пратениците во Собранието.

Тој додаде дека мерката „Мој ДДВ“ е прилагодена и за реализација на „Викенд без ДДВ“, а бројот на регистрирани корисници на апликацијата достигна 350 илјади граѓани.

Што точно значи оваа мерка?

„Сите граѓани корисници на ‘Мој ДДВ’ за фискалните сметки издадени на 10, 11 и 12 октомври и пријавени во УЈП со скенирање преку апликацијата ‘Мој ДДВ’ за купените македонски производи и услуги и компјутерска опрема, во целост ќе им се врати пресметаниот износ на ДДВ за овие производи во фискалните сметки“, рече Омери.

Па така, ако во редовните денови се враќаат 20 отсто од пресметаниот ДДВ за македонски производи, овој продолжен викенд се враќа целиот износ на пресметаниот ДДВ.

„Важно е да се напомене дека вкупниот промет од македонски производи и услуги и компјутерска опрема за кој ќе се враќа целиот износ на ДДВ е најмногу до 30 илјади денари по лице, а за надминатиот износ на вкупниот промет ќе се пресметува според редовната пресметка, односно 20 проценти“, појасни Омери.

Тој апелираше до сите трговци и даватели на услуги да ги означат македонските производи и услуги и компјутерската опрема, односно да ги разделат од останатите производи во фискалните сметки со цел непречено враќање на ДДВ.

„Враќањето на ДДВ кај граѓаните во ‘Викендот без ДДВ’ ќе се реализира во рок од 15 дена од денот на издавање на фискалната сметка, односно најдоцна до крајот на октомври“, рече Омери.

Основната цел на мерката „Мој ДДВ“ и на „Викенд без ДДВ“, како што нагласи, е повеќе пари кај граѓаните, особено овој период кога трошоците се значително поголеми, како и да се поттикне потрошувачката и македонската економија, а на подолг рок и борба против сивата економија. (М.Ј.)