Викенд за пребројување во Скопје


На крајот од втората недела во кампањата за претседателските избори, најголемите партии го селат својот караван во Скопје. И власта и опозицијата ги испланираа своите ударни митинзи викендов, каде се очекува да ги испратат финалните пораки до противниците, како и до своите партиски членови. Вообичаено за практикување политика на овдешен начин, се очекува масовно присуство на симпатизерите и поддржувачите на партиите од внатрешноста, победнички пароли и извици, пребројување на собраниот народ, како и обвинувања за запирање на автобуси, продажба на националните интереси, криминали, амнестии, аболиции, економски неуспеси, режими и хунти.
Граѓаните, барем оние неутралните, навикнати на контаминацијата на медиумскиот простор, ќе мора да се привикнат на уште позагадена кампања која ќе еруптира како што ќе се приближува денот на гласање. Партиите, иако, формално тврдат дека нивните фаворити за шеф на државата се натпартиски, а тие им се само логистика, земаат залет за финална пресметка, па се чини дека само најавените лоши временски услови можат да им го занишаат ентузијазмот пред викенд-собиранките во Скопје. Аналитичарите сметаат дека митинзите во главните градови се заокружување на целиот кампањски караван низ земјава и може мотивирачко и психолошки да влијае врз гласачите.
„Вообичаено, кога станува збор за претседателските избори, мотивацијата за излезност и гласање е многу ниска, а да не зборуваме сега кога во случаи на апатија и разочараност виси и цензусот за успешни избори и токму тоа е една од причините што и СДСМ, а и ВМРО-ДПМНЕ ќе организираат масовни митинзи во Скопје. Значи, во прв ред за да го мобилизираат нивното партиско јадро, нивните членови да излезат и да гласаат. Секако дека снимките од масовниот собир ќе го искористат како психолошки момент, па за таа цел ќе донесат и луѓе од цела земја. Што се однесува до пораките, не очекувам ништо ново освен поентирање од типот: ‘Голем дел завршивме, ЕУ и НАТО ни се пред врата’ од едните, односно ‘Голем дел завршивме, власта само што не паднала’ од другите“, смета аналитичарот Петар Арсовски.


Според него, логично е што големите партии ги организираат главните собири на средината, односно на почетокот од второто полувреме на кампањата, а не како порано за последниот ден, затоа што и ефектот е многу поголем.
„Зборувам од пиар аспект, затоа што ако се излезе со таков митинг на крајот, ќе нема време да се канализира енергијата и мотивацијата, да се свестат луѓето. Вака, сепак, има уште цела недела да се прераскажува ‘колку сме добри, колку сме силни и како ќе победиме’“, заклучува Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ својот централен митинг го закажа вечерва од 19 часот пред седиштето на владата. Таму, во јуни минатата година, беше одржан и првиот масовен протест по доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на партијата. Локацијата е одбрана поради тоа што премиерот Зоран Заев и неговиот тим се главната мета на членовите и поддржувачите на најголемата опозициска партија.
Од друга страна, СДСМ закажа собир во недела од 14 часот пред седиштето на Европската унија со што симболично сака да се покаже оти ЕУ е нашиот следен дом.
„Да покажеме дека сме цврсто решени да ги оставиме поделбите зад нас и заедно да го трасираме патот кон Европската Унија и НАТО. Да се обединиме во заедничките цели, брз развој и перспективна иднина за нашите млади“, повикува кандидатот за претседател, Стево Пендаровски.
Игор Атанасов, експерт за маркетинг – комуникации, пак, смета дека митинзите во Скопје веќе неколку циклуси наназад не се јаготката на шлагот.
„Изборните штабови на партиите ги имаат усогласно датумите и местата на одржување на митинзите и средбите со граѓаните уште пред да почне кампањата, се со цел да се поклопат посетите во исто време и на исто место. Така што централни митинзи во Скопје сред кампања и нес е чудо, бидејќи ако едната партија рекла за оваа сабота, тогаш како контратежа за мерење на тоа кој е појак и повеќе народ донел, мора да е веднаш едни по други, инаку ќе се разводни и страстите ќе се смират, па нема да знаеме кој има поголеми мускули. Викенд е супер, бидејќи луѓето кои ќе се носат од внатрешноста нема да мораат да бараат оправдувања зошто не се појавиле, а од друга страна, ќе имаат можност и да прошетаат“, напоменува Атанасов.

 

Црната кампања надвладеа
„Едвај се истуркаа десетина дена од кампањата, а да немаше обиди за оцрнување на противникот или препирка за работи кои немаат никаква врска со претседатлетската кампања и со надлежностите на претседателот. Веќе на широко се оди со црна кампања и со дискредитирање на противникот. Реториката е како за предвремени парламентарни избори, на оваа карта, пред сѐ игра опозициската партија, но тоа и се очекуваше. Впечатливо е дека кај некои од партиите изгледа постои мислење дека сите во земјава имаме колективна амнезија, па безобразно си поигруваат со помнењето на гласачите. Па оттука, дишеме загаден воздух само последниве две години, здравството пропаѓа само последниве две години, иселувањето е појава само последниве две години и уште многу слични општествени појави што настанале неодамна. Нивото на визуелна стокменост на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е многу ниско, лоша креатива, лоша егзекуција, конфузија на пораки што се праќаат. Но, и кампањата за Пендаровски не е нешто спектакуларно, ниту пак можеше да се очекува, имајќи во предвид дека ова му е втора кандидатура, кандидатот е тој, неговите ставови се идентични и тој нив јасно и гласно ги кажува, нема предомислувања и тоа е карактерот кој се преставува во кампањата. Убаво освежување е кампањата на господинот Река, која е мирна, едноставна, директна и непосредна.
Она што се издвојува во оваа кампања од сите останати е смиреноста и се помалата помпезност која сме имале прилика да ја гледаме за време на политичките кампањи во нашата земја. Народот е изморен од 365 дена годишно кампања во континуитет веќе 13-14 години и тоа веќе не дава плод“, оценува Игор Атанасов.

Горан Адамовски