Виетнамска милијардерка осудена на смрт, со измама украла 44 милијарди долари

Виетнамската бизнисменка и милијардерка Труонг Ми Лан (67) е осудена на смрт во четвртокот за време на најголемото судење кое земјата го видела, за измамата во која „заработила“ 44 милијарди долари, јавува Би-Би-Си.
Тоа беше едно од најспектакуларните судења што доликуваше на една од најголемите банкарски измами – речиси 3.000 луѓе беа повикани да сведочат, десет државни обвинители и околу 200 адвокати учествуваа во судењето, доказите беа во 104 кутии тешки шест тони, а заедно со Труонг Мој Лан, која ги негираше сите обвиненија, беа обвинети и 85 други лица.
Таа беше осудена за земање заеми од 44 милијарди долари од Комерцијалната банка во Сајгон во текот на 11 години, а обвинителите веруваат дека околу 27 милијарди долари можеби никогаш нема да бидат вратени. Претприемачката потекнува од кинеско-виетнамско семејство со кое живеела во областа Хо Ши Мин и работела како продавачка на пазар, продавајќи козметика со нејзината мајка.
Откако Комунистичката партија воведе период на економски реформи во 1986 година, познат како Дои Мои, почна да купува земјиште и недвижен имот. До 1990-тите била сопственик на бројни хотели и ресторани. Дваесет години подоцна, таа се прослави како познат претприемач, што ѝ овозможи да организира спојување на три помали банки кои немаа пари во една од најголемите банки во земјата – Saigon Commercial.
Виетнамскиот закон забранува секое лице да поседува повеќе од 5 проценти од акциите во една банка, но Труонг Ми Лан поседуваше повеќе од 90 проценти од Saigon Commercial преку стотици компании-школка и нејзините заеми сочинуваа приближно 93 проценти од заемите на банката. Според обвинението, таа поставила свои познаници на раководни позиции, а потоа им наредила да одобрат стотици заеми на мрежата на лажни компании што таа ги контролирала.
Таа, исто така, му нареди на својот возач да повлече повеќе од 4 милијарди долари во готовина од банката во период од три години, почнувајќи од февруари 2019 година и да ги чува во нејзиниот подрум. Таквото количество готовина, дури и да е во виетнамски банкноти со највисоки апоени, би тежело околу два тона. Таа беше обвинета и за поткуп за да се осигура дека нејзините заеми никогаш нема да бидат прегледани, а еден од главните инспектори во банката во тоа време беше обвинет за примање поткуп од пет милиони долари.
Судењето е само едно од „поглавјата“ на антикорупциската кампања предводена од генералниот секретар на Комунистичката партија, Нгуен Фу Тронг. Бидејќи целото земјиште е официјално во државна сопственост, претприемачите честопати се потпираа на односите со владините претставници за да добијат пристап до него и корупцијата ескалираше. Нгујен Фу Тронг верува дека народниот гнев поради неконтролираната корупција претставува егзистенцијална закана за монополот на власта на Комунистичката партија, па затоа тој сериозно ја започна својата кампања во 2016 година.
Оттогаш, двајца премиери и еден вицепремиер беа принудени да поднесат оставки, а стотици функционери беа санкционирани или осудени на затворски казни. Сепак, многумина се прашуваат зошто Труонг Ми Лан можеше да продолжи со измамата толку долго.