Виенскиот економски институт ни прогнозира раст од 4,1 отсто, но има и многу забелешки

Од Виенскиот институт очекуваат потрошувачката на домаќинствата и деловните инвестиции да заживеат од вториот квартал
Македонија е една од трите земји од вкупно 23 во Источна Европа за кои Виенскиот институт за меѓународни економски студии (WiiW) не направи нагорна ревизија за економскиот раст годинава, во најновата летна анализа која што беше објавена во средата. Според овој институт, македонската економија годинава ќе ја заврши со стапка на раст од 4,1 отсто, но затоа, пак, инфлацијата ќе биде нешто поголема од претходните процени и ќе изнесува 2,5 отсто. Инаку, според овој институт, во просек растот во целиот регион ќе изнесува 4,2 отсто, при што регионот на Западен Балкан во целина ќе има најголем економски раст меѓу земјите од Источна, Централна и Југоисточна Европа во 2021 година, со просек од 5,1 отсто. На врвот е Србија со предвиден раст на БДП од шест проценти. „До средината на 2021 година, таа земја ќе го достигне нивото на БДП пред кризата“, наведува WIIW.
Ваквите показатели укажуваат дека македонската економија ќе биде за еден процентен поен под просекот на земјите на Западен Балкан. На што се должат ваквите прогнози?
Според Виенскиот институт, македонската економија едноставно не може да започне да закрепнува од пандемијата.
„Владата не успеа да прискокне“
Како што се наведува во резимето за нашата земја, домашниот бруто-производ (БДП) во првиот квартал 2021 година беше за 1,9 отсто понизок во споредба со истиот период лани, што е четврти последователен квартал во кој има пад на економијата.
Исто така БДП е помал и во споредба со претходниот квартал – за 0,6 отсто, сезонски прилагодено. Потрошувачката на домаќинствата беше инхибирана од силниот бран на пандемијата и порасна за само 0,4 отсто на годишно ниво, и покрај напливот на дознаки (плус 18 отсто) и релативно добриот пазар на трудот. Бруто инвестициите се намалија за 17 отсто на годишно ниво, и покрај силниот прилив на странски директни инвестиции (12 отсто од БДП), се вели во анализата.
„Владата не успеа да прискокне, а буџетскиот дефицит во првите три месеци годинава заврши на 4 отсто од БДП – помалку од очекуваните 4,9 отсто. Особено слабо беше извршувањето на капиталните расходи, кои паднаа за 34 отсто под планираното“, констатира Виенскиот институт во извештајот за Македонија.
Од Институтот исто така наведуваат дека ја задржуваат проекцијата за раст за 2021 година непроменета на 4,1 отсто, бидејќи „владата усвои нов буџет со кој се предвидува капитално трошење за 27 отсто повисоко од претходно најавеното“.
Од таму очекуваат потрошувачката на домаќинствата и деловните инвестиции исто така да заживеат од вториот квартал, поради умереноста на пандемијата.
„Ризиците се во надолна линија, при што главните два се слабото извршување на владиниот буџет и веројатниот нов бран на КОВИД-19 наесен. Повисоките цени на енергијата и храната ја зголемија инфлацијата, доведувајќи ја до 3 отсто во мај (година на година). Со тоа ја надградивме прогнозата за инфлација за 2021 година на 2,5 отсто“, се вели во резимето за Македонија.

Инаку, Виенскиот институт во летната економска прогноза објавена на 7 јули, соопшти дека просечните 4,2 проценти раст за групата од 23 земји, претставува нагорна корекција од 0,4 проценти во споредба со априлската прогноза.
Како причини за ваквата позитивна корекција, меѓу другото, се наведуваат силниот раст во САД (1,6 проценти) и Кина (18,3 проценти) во првиот квартал од оваа година, како и значително подобрата ревидирана прогноза за растот на еврозоната (4,4 проценти) и на Европската унија (4,5 проценти).
Моторот на економскиот раст во земјите на Источна Европа е првенствено личната потрошувачка, која се очекува да се динамизира со завршување на пандемијата.
Според анализата на Виенскиот институт, ова ќе биде поддржано со релативно високата стапка на заштеди од периодот на пандемијата во 2020 година, како и со банкарските заеми, а инвестициите исто така ќе дадат поттик, бидејќи многу претприемачи ги започнуваат проектите што мораа да ги замрзнат.
Дополнителна динамика во националните економии ќе имаат и странските директни инвестиции, кои во првиот квартал од оваа година изнесуваат просечно 6,5 проценти од БДП.
Не се очекува нова рецесија
Виенскиот институт очекува зголемување на вработеноста и пад на невработеноста во земјите од регионот во втората половина на годината, но тоа првенствено зависи од фискалната поддршка на националните влади.
Инфлацијата, според WiiW, ќе биде малку поголема од очекуваната, пред се поради глобалниот раст на цените на енергијата и на храната. Просечната инфлација во 23 земји во поширокиот регион беше 4,5 проценти во мај, што ја прави највисока од 2015 година.

Економистот на Виенскиот институт и главен автор на прогнозата, Бранимир Јовановиќ, оцени дека ова зголемување на инфлацијата е „претежно привремен феномен“.
Сепак, таквото зголемување на инфлацијата може, како што е наведено во прогнозата, да ги принуди централните банки да ја зголемат референтната каматна стапка, што веќе беше направено од 20 централни банки во регионот во 2021 година, а други, најверојатно, ќе им се придружат.
Авторите на прогнозата сметаат дека ваквото „симболично“ зголемување сепак ќе има само маргинално влијание врз економската и кредитната активност во земјите од регионот.
Исто така, се очекува и позитивен придонес кон економскиот раст од закрепнувањето на туризмот, што ќе биде особено поволно за Хрватска и за Албанија, но процената е дека туризмот нема да го достигне нивото од пред кризата оваа година.
Експертите од Виенскиот економски институт предупредуваат дека најголемата опасност за економското закрепнување на Источна Европа е можниот нов бран на пандемијата, но тие проценуваат дека дури и да се случи, тоа само би довело до забавување на растот, а не до нова рецесија, бидејќи економиите во регионот во голема мерка научија како да се справуваат со пандемијата.
Друг фактор на ризик, се покажа, е предвремената консолидација на националните буџети, бидејќи евентуалното намалување на јавната потрошувачка може да го запре закрепнувањето на економијата.
Извештајот ги анализира економиите на 23 земји во Централна, Источна и Југоисточна Европа (CESEE) и дава детална прогноза за следниве земји: Албанија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Казахстан, Косово, Летонија, Литванија, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Полска, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Турција и Украина. (М.Ј.)