„Вие предизвикувате омраза“: Мираковска до Џамбаски


 

Пратеничката Соња Мираковска му рече на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски (ВМРО) дека штетниот говор на омраза на социјалните мрежи бил предизвикан од неговото однесување.

На седницата на Мешовитиот комитет МК-ЕУ во Стразбур му се обрати на Џамбаски со овие зборови:

„Не знам дали сега или некогаш ќе имате прилика да се слушнете каков провокатор сте, како се однесувате кон вашата колешка. Вие сте таа мантра која предизвикува омраза. И ние говорот на омраза на социјалните мрежи не можеме да го запреме, бидејќи е предизвикан од вашето однесување.

За пријателство се потребни две страни. Ако кон некого покажете прст, три прста покажувате кон себе. Во Бугарија работев 10 години, имам многу пријатели, кои за разлика од вас разбираат како се чувствувам – како Македонка, која зборува македонски јазик. Така ме почитуваат, така соработувавме и имавме заеднички фирми и работиме и ден денес“ рече Мираковска.

„Луѓето како вас не можат да бидат мостови меѓу двете нации. Не можат да бидат мостови. Вие ги рушите мостовите. Затоа јас се надевам, ви посакувам се најдобро во животот, но се надевам дека вашиот глас нема силно да се слуша и дека ќе дојдат луѓе кои знаат како се градат односи и со нив ќе продолжиме понатаму да градиме пријателства“, нагласи Мираковска.