(Видео)Претседателот на Еквадор поради протестите се отсели од главниот град


Илјадници Еквадорци денеска протестираа во главниот град Кито, од каде претседателот Ленин Морено го премести својот кабинет поради антивладините протести и судири.

Таа 17-милионската јужноамериканска држава е погодена од тешка криза и парализирана од затворањето на јавниот превоз и блокади на патиштата.

Во Еквадор насилството трае со денови, а почна минатата недела по одлуката на Морено да ги намали субвенциите доведе до нагло зголемување на цената на горивата. Додека противниците ја обвинуваат владата на Морено за кршење на човековите права, тој објави на државната телевизија дека неговата влада, соочена со закани, се преместува од Кито во пристанишниот град Гвајакил.

Морено рече дека тој е „цел на обид за пуч“, но нема да се откаже од укинување на субвенциите, како дел од договорот со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Морено повика на дијалог за решавање на кризата и го обвини неговиот левичарски претходник Рафаел Кореа дека се обидува да го дестабилизира Еквадор со помош на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Еквадорската влада минатата недела прогласи вонредна состојба што му дозволува да ги ограничи граѓанските слободи. Кабинетот на Морено соопшти дека 570 лица биле уапсени за време на демонстрациите.