(ВИДЕО)Османи, Шекеринска и Сугарески на средба со кризниот штаб во Прилеп  


Вицепремиерот  Бујар Османи, како Главен координатор на Кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од КОВИД-19, заедно со министрите  Радмила Шекеринска и  Горан Сугарески денеска беа во Прилеп, со цел директно на терен да ги согледаат состојбите и предизвиците со кои се соочува тамошното население во справувањето со КОВИД -19.

„Со оглед на тоа што заразата веќе не е сконцентрирана само на неколку точки, туку се работи за епидемиолошка слика која и просторно и географски се шири, улогата на општинските кризни штабови станува сè поважна, како за заштита на граѓаните, така и за севкупниот успех во справувањето со епидемијата и враќањето на состојбата во некаква нормала”, истакна Османи, притоа нагласувајќи дека Владата и во иднина ќе стави на располагање дополнителни ресурси за да им помогнат на општинските локални штабови, со што непосредно ќе им помогнат и на граѓаните.

По вчерашниот повик на  градоначалникот на Прилеп за поголем ангажман на Армијата, Шекеринска рече дека ќе му помогне на Прилеп, но и прилепчани треба да ги почитуваат мерките.

„Денеска е веќе забележително дека Армијата почна да функционира на еден нов начин. Уште од петокот, касарните започнаа да даваат поддршка на општините, кои бараат таква поддршка. Денеска, може да се види дека и во Прилеп и во Куманово, Армијата презеде активности со кои ја поддржува општината, но пред сè влијае на одржување и обезбедување на сите мерки за безбедност од страна на граѓаните во секојдневниот живот”, подвлече Шекеринска.

Министерката рече дека иако мерките го усложниле секојдневното живеење, тие мора да се почитуваат затоа што се за колективно добро.

„Задачата на Армијата и на припадниците, денеска во Прилеп не е за да се создаде страв, туку почитта која ја уживаат кај граѓаните да помогне при создавањето на ред. Сакам да ѝ честитам на општината, која е можеби прва во државата која ги обележа местата пред маркетите и банките, со што им препорачува на граѓаните каде да стојат и да ја почитуваат дистанцата”, рече Шекеринска

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ги истакна мерките за поддршка на транспортниот сектор се со цел транспортот да нема застој и навреме да се обезбедуваат сите неопходни материјали за работи во фирмите и секако продуктите за граѓаните.

Сугарески нагласи дека во делот на градежништвото исто така е продолжена важноста на сите лиценци и овластувања се со цел непречено функционирање на градежниот сектор. Во оваа насока Сугарески нагласи дека ова е многу важно, бидејќи капиталните инвестиции се од исклучителна важност за да може градежништвото да се одржи на едно ниво и во вакви услови.

„Морам да спомнам дека проектите за изградба и рехабилитација на патиштата, канализациите и водоводите тече нормално, нема поголеми застои во нивната реализација и очекуваме така да продолжи и во наредниот период. Плаќањата кон фирмите во градежниот сектор се одвиваат навремено што е многу важно за да можат и државата и фирмите заедно да ја пребродат оваа криза”, додаде Сугарески.