Видеонадзор и повеќе полицајци во автобусите кон Стајковци


Зголемено присуство на полициски службеници во критичните автобуси на ЈСП кои одат до Стајковци, како и на постојките и во маалата, но видеонадзор во автобусите, побараа денеска членовите на Советот за превенција на Гази Баба, а во врска со немилите настани во автобусите на ЈСП Скопје изминатата недела во кои беа повредени ученици од општина Гази Баба.

– По повод немилите настани во автобусите на ЈСП Скопје кои изминатата недела континуирано се случуваа на територија на општина Гази Баба, го свикав Советот за превенција на кој усвоивме повеќе – соопшти градоначалникот, Боба Стефковски.

 Полициската станица од општа надлежност Гази Баба превзема обврска во следниот период да обезбеди зголемено присуство на униформирани службеници на критичните автобуски постојки, внатре во автобусите но и во критичните населени места.

Општина Гази Баба во насока на идна превенција ќе организира најразличен вид настани со ученици од различни етнички заедници со цел поттикнување на соживот и другарување.

Ќе се достави барање до ЈСП Скопје во кое ќе се побара автобусите кои се обраќаат на тој дел од општината да имаат функционален мотиноринг видео систем, како и зајакнување на контролата на терен. Исто така, ќе се достави писмо за информирање до секторот за образование на град Скопје за приклучување во активностите за надминување на настанатата ситуација, бидејќи учесниците во настаните се средношколци, како и се превзема обврска за организирање на состанок со директорите на средните училишта на град Скопје.

До министерот за внатрешни работи ќе се достави иницијатива за постапка за избор на командир на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба.

 Советот за превенција на општина Гази Баба превзема обврска да работи во насока на надминување на ваквите случувања со цел истите во иднина да не се повторат.

– Како градоначалник сакам да порачам дека ќе направам се што е во моја надлежност во иднина вакви и слични немили настани да не ни се повторат. Гази Баба е мултиетничка општина и наша обврска е да работиме на градење соживот помеѓу сите генерации на граѓани. Насилството да го замениме со другарување, а омразата со пријателство – напиша Стефковски.

На седницата на Советот за превенција присуствуваа пратениците во Собранието на Република Македонија од општина Гази Баба Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, претседателот на Советот на општина Гази Баба Дијана Илиевска, членови на Советот, преставници на МВР и преставници на институциите.