(Видео+Фото) Велипеток дочекан со молитва, верниците на растојание


Ова е прв Велипеток, што христијаните го дочекуваат во изолација, поради пандемијата од корона вирус.

Мерките што ги воведоа властите важат и за верниците, но нивните срца не издржаа да не појдат во црква, да запалат свеќа и да се помолат за здравје.

Некои само со добра волја, некои по правила, жените со прекриени со марама глави, наведнати се собраа околу црквата „Св. Никола“ во Аеродром, каде денеска на пладне свештениците одржаа молитва.

На насобраните им се поделија свеќи кои ги запалија додека траеше молитвата, а и песнарка, односно молитвеник, за подобро да ја следат службата.

Се држеше растојание, стоеја во паркчето околу црквата под сенките, на препорачана далечина. Некои со маски и ракавици, некои без нив.

Таму каде се продаваа свеќи, имаше средство за дезинфекција, па верниците по купувањето ги миеја рацете. Една жена ги изми иако носеше ракавици.

Неколкупати и свештеникот ги опомена да држат растојание и да не се приближуваат до влезот на црквата. Таму не влегуваше никој од верниците, со оглед што икона имаше извадено пред црквата каде се оставаа велигденски црвени јајца.

На паркингот, зад црквата стоеја една полицајка и војник, кои внимаваа на редот, но немаа многу работа.

Во црквата „Св. Јован“ кај мостот „Близнак“, пак полицаец и војник правеа ред. Верниците чекаа надвор од дворот, а полицаецот даваше знак кој да влезе.

Само околу малата црква посветена на Богородица на Детската улица, немаше редари, но и бројот на верници беше помал. (Б.Б.)