(Видео) Земјотрес додека премиерката на Нов Зеланд даваше интервју


Во моментот кога земјотресот со јачина од 5,6 степени го погоди Велингтон, Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, даде интервју во живо за телевизијата „Њузхаб“.

Камерата на тој начин ја сними нејзината реакција за време на земјотресот.

Таа го прекина домаќинот Рајан Бриџ и објасни што се случуваше во зградата на парламентот во Велингтон, каде што беше, јавува АП.

„Се чини дека имаме земјотрес, Рајан. Се тресе добро, гледате дека работите се тресат зад мене“, рече изненадена Ардерн, кој потоа брзо се среди и го продолжи интервјуто.

Таа рече дека е на безбедно место и дека нема висечки рефлектори над неа, со оглед дека се наоѓаше во една конгресна сала.

Ардерн, која успешно ја водеше борбата против коронавирусот во Нов Зеланд, изјави подоцна дека во моментот кога го почувствувала земјотресот, мислата која и поминала низ главата била: „Дали се шегуваш?“

Земјотрес со јачина од 5,6 степени ја потресе областа Велингтон синоќа околу 20 часот по локално време, а епицентарот беше на околу 90 километри северно од градот.

Земјотресот беше почувствуван низ целата земја, но засега нема информации за повредени или материјална штета.

Нов Зеланд лежи на Огнениот прстен, голема област во форма на прстен околу Пацификот која се карактеризира со висока сеизмолошка и вулканска активност.