(ВИДЕО) Заврши операцијата на косовската полиција, уапсени 19 полициски службеници и деветмина цивили

Акцијата на специјалните единици на косовската полиција РОСУ, што започна денеска во раните утрински часови во северно Косово, но и во неколку други делови на земјата, заврши нешто по 13 часот.

Медиумите известуваат дека косовските специјалци веќе се целосно повлечени од областите на северот од земјата населени со мнозинско српско населени.

Косовската полиција соопшти дека во акцијата за борба против организираниот криминал, спроведена во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Србица и Глоговац, се уапсени неколку граѓани и неколку полициски службеници од различни националности – Албанци, Срби и Бошњаци, кои се осомничени за шверц на стоки, злоупотреба на службена положба, давање поткуп, недозволена трговија и други кривични дела.

Според се уште официјално непотврдени информации, што ги објавија некои косовски медиуми, во денешната акција се уапсени 19 полициски службеници и деветмина цивили.

Претседателот на Косово Хашим Тачи, по состанокот со челниците на безбедносните структури, изјави дека има информација оти меѓу уапсените е и еден руски државјанин, кој се претставувал како дипломат и се обидувал да ја спречи полицијата во вршењето на својата работа.

Тачи во изјава за новинарите нагласи дека полициската операција е исклучиво со цел спречување на организираниот криминал и дека не е насочена против ниту една етничка заедница.