(Видео) Заев за ИБНА: Грција ќе нѐ поддржи пред Европскиот совет


Грција ќе ја поддржи Северна Македонија пред Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Тоа не е само обврска од Преспанскиот договор, туку е пријателско чувство, да се  поддржи најблискиот сосед, вели македонскиот премиер Зоран Заев во интервју што го дал во Њујорк за грчката агенција ИБНА.

На прашање за првата средба на Заев  со новиот грчки премиер Кирјакос Мицотакис, македонскот премиер вели дека секогаш му претставува задоволство да ги сретне првите луѓе на пријателски држави, како што е Грција за Северна Македонија. Тој вели дека со Мицотакис разговарале за имплементацијата на Преспанскиот договор, како и за економската соработка меѓу двете земји.

Зборувајќи за поддршката што ја очекува од грчка страна на престојниот Европски самит, Заев посочи дека нашиот јужен сосед ја презема водечката улога за понатамошната интеграција на земјите од регионот во НАТО и во ЕУ.

-Грција ја презема лидерската позиција на Балканот во однос на евроатлантската интеграција на регионот.  Грција и треба да биде лидер на овој процес, со оглед на тоа што е најстара членка на ЕУ и на НАТО на Балканот – изјави Заев во интервју за ИБНА.