(Видео) Воздушна авантура или „Македонија од горе“


Билјана Богдановска

Можеби на продуцентите од „National geographic“ Македонија не им изгледа како доволно добра дестинација за да најде место во двете сезони „Европа од горе“, но тука е прилепчанецот Петар Аврамоски, да нѝ покаже дел од убавините на нашата земја во неговото видео „Македонија од горе“ (Macedonia from above).

Видеото трае 30 минути, а поставено е на Јутуб и се споделува по социјалните мрежи и во групите наменети за патувања низ Македонија. Досега има повеќе од 20.000 прегледи.

Во неговата воздушна авантура, како што самиот ја нарекува, може да се видат неколку градови во Македонија, како Прилеп, Скопје, Крушево, Велес од горе, но и повеќе природни локации, некои полесно, но некои потешко достапни за вљубениците во природата. Тука ќе ги видете куклите во Кратовско, неколку пештери, брани на вештачки езера, мостови, клисури…

Петар Аврамоски е графички дизајнер, фотограф и видеограф кој веќе неколку години работи и твори во соодветните области. Идејата да направи вакво видео за Македонија, покрај тоа што ја добил од љубов кон фотографијата и видеофотографијата, секако била инспирирана и од серијалот на „National geographic“.

– Гледајќи го серијалот „Европа од горе“ ми беше ко за инает да направам вакво видео, оти стигнале до Метеора (во Грција) да снимаат и во Турција, а не посветиле ни кадар за нас, па и тоа ми даде поттик плус – вели Аврамоски за „Независен весник“.

Видеото е целосно изработено ентузиастички, со љубов и без заработка, но со надеж да поттикне интерес за поддршка од институциите или кој и да е заинтересиран за понатамошна изработка повеќе вакви материјали, како и поттик кон останатите креативци за изработка на вакви видеа.

– Видеото Macedonia from Above е една воздушна авантура, би рекол, на дел од убавините на Македонија. Сите места кои ги има на самото видео се снимени со мал дрон. Монтажата на видеото ја изработив јас, додека за музиката се погрижи мојот другар Дејан, со кого се согласивме истата да биде една мешавина од преработки на македонски песни, но и светски хитови – вели Аврамоски.

За изработка на видеото потребна му била една година, од почетокот на минатогодишниот карантин поради пандемијата од корона вирус.

– Според параметрите на мојот дрон, прелетани се над 150 километри или вкупно 17 часови лет. На сите мои патувања најчест патник со мене, беше мојата девојка која што ми асистираше и помагаше, а често бев и во друштво на планинари и останати мои пријатели со кои ги посетувавме местата – додава Аврамоски.

Додава дека инспирацијата за еден ваков проект лежи во желбата да покаже дека Македонија изобилува со убавини и дека вреди да се видат од една поинаква, птичја перспектива.

– Како што течеше овој проект и јас посетував нови места, бев воодушевен од прекрасни глетки и станав свесен дека иако имаме сè уште недопрена природа, таа се уништува неконтролирано – вели Аврамоски за „Независен весник“.

Во продолжение изгледајте го видеото: