(ВИДЕО) Вонредна состојба уште две недели, реши Пендаровски


Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност изјави дека ситуацијата е подобрена во однос на изминатиот период и дека стратегијата за справување со корона вирусот дава резултати.

Премиерот Оливер Спасовскина состанокот  го образложил барањето за прогласување на нова вонредна состојба од 30 дена, по што претседателот решил да го прифати барањето, но само за 14 дена. Причината, според него, е потребата за ублажување на социо-економските ефекти од здравствената криза, за да и се овозможи на Владата да носи уредби.

Околу оценката дека Владата ја користи вонредната состојба за поткуп, Пендаровски рече дека такви злоупотреби не се можни со сретства од ЕБРД. Според него одлуката за вонредна состојба нема никаква врска со датумот на изборите. Притоа тој објасни дека мерките и ограничувањата не се поврзани директно со вонредната состојба ниту се последица од нив, како што веруваат некои во јавноста, и побара од Владата да размисли за нивно намалување бидејќи вонредната состојба не е пречка за тоа.

На прашањето какво било мислењето на ДИК околу изборите, Пендаровски рече дека било отворено тоа прашање и дека министерот Никола Димитров известил дека добил уверување од ОДИХР дека можат да испратат известувачи. Покрај објавеното мислење и протокол на Комисијата за здравствени болести  стоел и ставот дека, додека не се најде вакцина, изборите и тука и било каде ќе се одржуваат под посебен режим. ДИК пак известил колкави се роковите, но таа според него не може да го решава датумот за избори и ќе треба да се прилагоди на донесената одлука. Според него членовите на ДИК се врвни професионалци и материјалот што го доставиле до него бил усвоен едногласно и никој не бил против.

-И да повторам, рече Пендаровски, ДИК не решава за датумот, и кој и да е тие ќе го испочитуваат.

Пендаровски околу Законот за недискриминација рече дека нема кабает кај него туку во Собранието и тамошните служби. Тој закон бил донесен со над педесетина гласови при што се сметало дека на повторно гласање може да се донесе со исто мнозинство, а всушност по враќање од претседателот морал да има 61 глас.

-Закон што доаѓа кај мене вторпат јас не можам да го сопрам, морам да го потпишам, но Уставниот суд го оспори со потполно јасна причина, рече Пендаровски практично посочувајќи дека знаел дека законот не е донесен како што треба.

Следната лидерска средба ја планирал за понеделник, но не добил се уште потврда дали можат да присуствуваат сите, затоа остави простор да биде и друг ден, но на почетокот на неделата.