(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ бараше оставки на протестот


Фото Борис Грдановски

Скандирања „Мафија“ и „Оставка“ и транспаренти на кои пишува „Против реваншизмот и политичкото насилство“ и „Монструмите на слобода, уставобранителите во затвори“ се само дел од декорот на петтиот протестен марш на опозициската ВМРО-ДПМНЕ што е во тек на рутата од Министерството за правда, како појдовна точка, до финишот кај Кривичен суд. Колоната на граѓани е предводена од претседателот на партијата Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски.

Мицкоски во најавата на протестот, што и овојпат е тематски, во случајот против неправдите, ја обвини власта за водење на антинационална политика што тргува достоинство додека невини лица се наоѓаат во затвори. Како пример за неправда ја посочи потврдената затворска казна за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но и изречената условна казна за сообраќајката со смртни последици кај Млечен ресторан во Скопје.

– Во Македонија под водство на оваа власт крвнички се претепуваат неистомисленици, судските пресуди ги диктира Заев, обвинителството се занимава само со опозицијата која критикува, а преспива на очигледните криминали на власта, врши прогон на медиуми и затвора новинари. Македонија, исто така е држава во која за убиство во сообраќајка се добива само условна казна и се затвора мајка на мало дете затоа што легално набавила автомобил за потребите на државата, автомобил од кој не слезе Зоран Заев, а се затвора само затоа што е поранешен функционер на ВМРО – ДПМНЕ“, напиша Мицкоски преку Фејсбук во анимирачкиот пост до граѓаните за денешниот протест.