(Видео) ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против Шилегов


ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе кривична пријава против градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и две непознати правни лица за злоупотреба на службената должност и овластувањето, како и несовесно работење, за бесправно градење и поткуп при избори и гласање.

 

„Имено, на 24 април преку медиумите Шилегов најави почнување градба на булеварот АСНОМ и изградба на мост од Аеродром кон Ќерамидница. Шилегов за тоа се пофали и преку социјалните медиуми, проследено со фотографии од градежните работи. Од допрен глас имаме сознанија дека почната изградба, проширување на булеварот АСНОМ, се прави без одобрение за градба, и тоа од непознат изведувач на градба и од непознат надзор на градба, со што постојат сомневања за сторени кривични дела. За проектот за изградба во првата фаза – проширување на булеварот АСНОМ, ќе се потрошат над 50 милиони денари, а за тоа нема одобрение за градба, што се потврдува и на самото место дека на градежните работи не е поставена табла на која треба да се напишани и бројот на решението за градба и имињата на изведувачот и на надзорот на градежните работи“, изјави Светлана Колариќ.

Уште поважно е што, додаде таа, ова кривично дело се прави во временски период во изборна кампања, односно пред вториот круг на претседателските избори на 5 мај.

Со кривичната пријава ВМРО-ДПМНЕ бара од јавниот обвинител да постапи во согласност со овластувањата и да направи увид за да ја утврди фактичката состојба на градежните работи на булеварот АСНОМ и да направи увид во градежната документација што ја поседуваат Град Скопје и Петре Шилегов.

„Очекуваме јавниот обвинител веднаш да постапи во согласност со временскиот изборен рок и да го приведе Петре Шилегов на службен разговор, веднаш по враќањето од Барселона, Шпанија, каде што беше забележан на фудбалскиот стадион ‘Камп ноу’“, рече Колариќ.

Доколку Обвинителството не го стори тоа, рече таа, постои можност да овозможи Шилегов да ги прикрие трагите и доказите и кривичното дело да мине неказнето, а Обвинителството, наместо бранител на правдата, да биде соучесник.